Трамп со нова закана кон Мексико околу затворање на границата


Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Мексико да вложи повеќе напори за да го запре новиот миграциски „карван” упатен кон САД и повторно се закани дека ќе ја затвори границата или ќе испрати уште војници.

-Многу голем карван од над 20.000 луѓе тргнал од Мексико, напиша Трамп на Твитер.

Според него, мексиканските власти ја намалиле неговата бројност, но тој продолжува да се движи кон САД.

-Мексико треба да ги задржи останатите или ќе бидеме принудени да затвориме дел од границата и да ја повикаме армијата, изјави Трамп.

Американскиот претседател смета дека Мексико не прави доволно за да ги задржи и да ги врати мигрантите.

Тој, како што рече, „мексикански војници неодамна извадиле оружје против Американци од Националната гарда. Според него инцидентот најверојатно е „тактика за пренасочување на вниманието од нарко-дилери”.

-Подобро е повеќе да не се повтори. Сега испраќаме вооружени војници на границата, изјави Трамп.