Трамп сега се бори со вирусот кој го потценуваше


Трамп снимен во четвртокот додека заминуваше на настан за донации во неговиот голф клуб во Њу Џерси. Неколку часа подоцна објави дека е позитивен на Ковид-19

Со ризик за неговото здравје и стабилност на земјата, стратезите, па дури и високи соработници на претседателот, изјавија дека тој ќе се соочи со остра пресуда од гласачите

 

ВАШИНГТОН – Објавата на претседателот Доналд Трамп рано во петокот дека се разболел од корона вирус, веднаш ја прекина претседателската трка, отворајќи значајни прашања во врска со неговиот кавалерски однос кон пандемијата и иднината на неговата кампања, само 32 дена пред изборите.

Трамп веќе заостануваше во анкетите зад Џо Бајден, делумно поради неговото лошо справување со вирусот што го испреврте секојдневниот живот на гласачите повеќе од шест месеци. Тој ги надополни своите потешкотии со непочитување и на моменти омаловажување на основните мерки на претпазливост, како што е носење маска, кога неговите здравствени советници ги повикуваа Американците да ги користат за да се заштитат.

Сега личната рамнодушност кон вирусот може да го загрози неговото сопственото здравје, стабилноста на земјата и веќе затемнетите надежи за реизбор.

Откако фјучерсите на акциите паѓаа во текот на ноќта во петокот, стратезите во двете партии, па дури и високи соработници на Трамп, изјавија дека претседателот ќе се соочи со остра пресуда од гласачите за фрлање на земјата во поголема неизвесност по една од годините со најголеми искушенија во американската историја.

„Тешко е да се замисли дека ова не им става крај на неговите надежи за реизбор“, вели Роб Штуцман, републикански консултант.

Политичката среќа на Трамп делумно ќе зависи од тежината на неговата болест. Други светски лидери, вклучувајќи го и британскиот премиер Борис Џонсон, беа болни од вирусот и се вратија да ги водат своите земји.

74-годишниот претседател е постар од неговите колеги кои добиле инфекција со Ковид-19 и тие не беа на гласачкото ливче кога беа позитивни.

Дури и ако тој целосно се опорави по периодот на изолација, милиони Американци веќе гласаат токму сега, преку гласачко писмо или лично предвремено гласање.

По годината што започна со импичмент на Трамп и ја вклучи пандемијата, економски колапс, протести за расна правда и урбани немири, како и смртта на врховната судијка Рут Бадер Гинсбург, ова октомвриско изненадување може да ги натера гласачите да побараат одмор од метежот.

НИКОЈ НЕ НОСИ МАСКИ – Хоуп Хикс снимена со други советници на претседателот снимени во дворот на Белата куќа еден ден пред да соопшти дека е инфицирана од корона вирусот (Фото: АФП)

Во Белата куќа, советниците на претседателот признаа дека позитивниот тест ќе ги потсети гласачите за тоа како се однесуваше Трамп кон вирусот, не само со сопственото занемарување на безбедноста, туку и во неговите премногу розови проценки за пандемијата што уби повеќе од 207.000 луѓе во САД. Несовесноста на Трамп, призна еден советник, претставува политичка „катастрофа“.

Речиси е сигурно дека преостанатите две дебати меѓу Трамп и Бајден ќе бидат откажани или драстично изменети. Следната е закажана за помалку од две недели од сега, на 15 октомври, а медицинските упатства најверојатно ќе го држат претседателот изолиран до тогаш.

И откако продолжи со митинзите од кои не се откажува, и покрај правилата против големите собири во многу држави, Трамп нема да може да го напушти Вашингтон за време на последниот, круцијален дел од кампањата.

Покрај тоа, еден од неговите централни аргументи против Бајден, дека 77-годишниот поранешен потпретседател нема свежина и не е способен да ја води земјата, сега е поткопан од прашања во врска со сопственото здравје на претседателот.

„Трамп сега е во позиција да стане експонат број 1 за неуспехот на неговото лидерство со корона вирусот и ризикува неговите приврзаници да се почувствуваат заведени од неговата отфрлање на вирусот и потребата од мерки на претпазливост“, рече Гоф Гарин, демократски анкетар.

Претседателот веќе заостануваше во анкетите делумно заради неговите потешкотии со постарите гласачи, изборна конституенца врз која се потпираат републиканците, но исто така е и со најголем ризик од вирусот.

Во раните утрински часови во петокот, некои од соработниците на Трамп разговараа за начините како тој може да биде виден во јавноста подоцна во текот на денот, за да може да им пренесе дека сѐ уште ја води државата. Една опција беше обраќање до нацијата, рече едно лице брифирано за дискусиите.

Сепак, во приватни разговори, членовите на неговиот персонал беа исто така искрени дека претседателот има коморбидитети кои можат да го направат поподложен на сериозен напад на вирусот.

Ниту еден современ претседател јавно не претрпе здравствена криза близу до обид за реизбор. Роналд Реган беше застрелан и закрепна во 1981 година, нешто повеќе од два месеци откако за првпат положи заклетва. И Двајт Ајзенхауер доживеа срцев удар додека беше на функција, но помина повеќе од една година пред да се соочи со гласачите по втор пат.

Уште од кога тој го започна својот неверојатно политички подем пред пет години, самиот Трамп беше движечка сила зад неговата кампања, а потоа и неговото претседателствување. Инвеститор на недвижнини, кој на крајот стана трговец на самиот себе, тој ги отфрли советите на експертите за политика, владата и неодамна за јавното здравје.

Како шок за неговите легии на критичари, неговиот бомбастичен стил ја освои номинацијата за републиканците, проследена со претседателството пред четири години.

Ден по дебатата со Бајден, Трамп во средата отиде на митинг во Минесота. Ретко кој таму носеше маски

И повеќе од три години како претседател, тој беше во можност да го насочува политичкиот разговор на кој било начин, понекогаш во негова корист, но често на штета.

Откако корона вирусот ја затвори земјата во март, Трамп конечно влета со челото во непријател кој не може да биде нападнат, игнориран или целосно покриен со неговата вообичаена тактика.

Сепак, тоа не го спречи да се обиде ефективно да го отстрани со зборови. Тој не само што постојано предвидуваше дека вирусот ќе згасне самостојно, тој исто така постојано ја минимизираше заканата, предизвикувајќи држави, училишта, бизниси, па дури и спортски тимови да се вратат во нормала.

Некои републиканци се надеваа дека неговиот несреќен митинг во јуни во Тулса, Оклахома, кога не можеше ни приближно да ја пополни арената, а некои од неговите вработени добија вирус, ќе служи како повик за будење. Но, иако настанот стави крај на неговите митинзи за одреден период, тоа не го направи Трамп потрезен за заканата од вирусот.

Претседателот ги започна митинзите за време на демократската конвенција во август. Настаните беа главно, но не секогаш, на отворено. Сепак, неговите приврзаници, новинари, членови на персоналот на Белата куќа, работници за безбедност и други беа еден околу друг со часови на митинзите. И многу од оние кои присуствуваат, вклучувајќи го и Трамп и членовите на неговиот персонал, не носат маски.

Не само што се спротивстави на советите на неговите здравствени советници за маски, тој исто така постојано се потсмеваше на праксата, ставајќи го надвор од чекорот со мнозинството од земјата, па дури и некои од неговата партија. Четириесет проценти од републиканците минатиот месец во анкета изјавија дека ја поддржуваат обврската за маска во целата земја кога социјалното дистанцирање не е можно.

Други водачи на републиканците, вклучително и сенаторот Мич Меконел, лидер на мнозинството, постојано ја истакнуваа важноста на маските и внимаваа да ги носат во Капитол.

Истото истражување, заедно со анкетите направени во државите на бојното поле, исто така посочи дека мнозинството гласачи не го одобруваат пристапот на  Трамп кон пандемијата и му веруваат на Бајден дека подобро ќе се справува со ситуацијата.

Овој предупредувачки удар со податоци сепак не го смени пристапот на Трамп кон оваа болест.

Во вторникот, на неговата прва дебата со Бајден, Трамп го исмејуваше својот противник, колега од возрасни години, заради неговите мерки на претпазливост.

„Јас не носам маски како него“, рече претседателот. „Секој пат кога ќе го видите, тој добива маска. И тој се појавува со најголемата маска што сум ја видел“.

Дури и во четвртокот, откако неговата блиска соработничка Хоуп Хикс покажа симптоми на вирусот, Трамп изнесе забелешки од Белата куќа за годишната вечера за фондацијата на Алфред Е. Смит во која лажно инсистираше на тоа дека „крајот на пандемијата е на повидок“. (Њујорк тајмс)