Трамп се сомнева во извештаите кои ја обвинуваат Русија


Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека никогаш не го прашал рускиот колега Владимир Путин за веродостојноста на извештаите на американските и европските разузнавачки служби дека Русија ги плаќа талибанците да убиваат американски војници во Авганистан.

– Никогаш не сум разговарал со Путин за тоа, истакна Трамп.

Тој објасни дека за тоа прашање немал сознанија се додека не се појавиле медиумски шпекулации кон крајот на јуни и нагласи дека се сомнева во веродостојноста на тие информации.

Тврдењата на Трамп се спротивни со извештаите на четири американски и европски разузнавачки извори, па демократите во американскиот Конгрес го обвинија шефот на државата дека не се однесува „доволно сериозно“ кон разузнавачките информации за загрозеноста на американските војници во Авганистан.

Советникот за национална безбедност Роберт О’Брајен изјави дека претседателот немал непосреден брифинг за овие разузнавачки податоци бидејќи соработник на Трамп од ЦИА заклучил дека извештаите се „неосновани“.