Трамп се поблиску до номинација – победи на партиските избори во Ајдахо, Мисури и Мичиген


Поранешниот американски претседател и фаворит за републиканска претседателска номинација Доналд Трамп победи на партиските кокуси во американските сојузни држави Ајдахо, Мисури и Мичиген.

По победата во три сојузни држави во саботата, Трамп има поддршка од 244 делегати, додека другиот кандидат за републиканска претседателска номинација, поранешната амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, има поддршка од 24 делегати.

На кандидатот му е потребна поддршка од 1.215 делегати за да ја добие републиканската номинација.

Следните републикански прелиминарни избори ќе се одржат денеска во Вашингтон, а најважниот ден е таканаречениот „Супер вторник“, 5 март, кога ќе се одржат прелиминарни избори во 16 сојузни држави.

Кокуси се партиски собири, на кои граѓаните ја изразуваат својата поддршка за кандидатите за претседателска номинација. Тоа е како во ист ден и во исто време, на разни локации, да се одржуваат илјадници состаноци. Секоја гласачка област во конкретна сојузна држава има одредено место каде што се одржува кокусот. Обично тоа се училишта, библиотеки и јавни места. На денот на кокусот граѓаните се собираат во овие простории, разговараат и отворено изразуваат поддршка за еден од кандидатите од редовите на својата партија. Граѓаните што сакаат да учествуваат во кокус мора да имаат најмалку 18 години и да бидат регистрирани во политичка партија. Поддршката што граѓаните јавно ја изразуваат за кандидатите се брои, табелира, а потоа се проектира на бројот на делегати што ги добива кандидатот.

За разлика од кокусите, каде отворено се изразува поддршка за еден од партиските кандидати, гласањето на прелиминарните избори е тајно.