Трамп се откажува од мерката за одвојување на децата од мигрантските семејства

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека нема да се врати на политиката на одвојување на деца од мигрантски семејства кои илегално ја преминале границата, еден ден откако медиумите објавија дека неговата администрација ја разгледува можноста за повторно враќање на таа мерка.

Американскиот претседател констатира дека сега многу повеќе мигранти се движат кон САД од Мексико, бидејќи таа политика повеќе не е на сила.

Трамп истакна оти тој е заслужен што таквите мерки повеќе не се на сила и дека неговиот претходник, претседателот Барак Обама, е тој кој ја вовел практиката на раздвојување на деца од нивните семејства.

Политиката на одвојување на деца мигранти од нивните семејства беше прекината по притисокот на јавноста откако снимки на десетици деца, сместени во простор ограден со жица во објекти на границата со Мексико, се проширија по медиумите и на социјалните мрежи.

Доскорешната американска министерка за внатрешна безбедност Кирстен Нилсен, која поднесе оставка, спроведуваше политика на „нулта толеранција” за нелегален влез во САД, при што неколку илјади деца беа одвоени од нивните родители, бидејќи американските закони предвидуваат дека децата на илегални мигранти не можат да бидат притворени заедно со нив оти тие не се обвинети за истото дело.