Трамп се криел во авион контејнер на пат од Анкара


Американскиот претседател Доналд Трамп тајно одлетал од Турција минатиот месец со помал авион од претходно познатиот поради закана од атентат од Иран, објави во понеделник „Вашингтон пост“.Според анонимен американски функционер кој разговарал со „Пост“, Трамп се качил во авион на „Ер Форс Уан“ во Анкара на 8 јули, но потоа се преместил во контејнер за храна прикачен на авионот.

Контејнерот потоа го префрлил во помал авион Ц-32А кој го однел во Велика Британија, додека медиумите и некои функционери биле наведени да веруваат дека Трамп сè уште е во поголемиот авион.

Иранската закана претходно беше објавена од американските медиуми како причина зошто Трамп не одлетал од Турција со новиот „Боинг 747-8“, кој им го подари на САД Катар, а кој го користел за да лета во земјата.

Трамп, кој беше во Анкара на самит на НАТО, во тоа време рече дека ќе го земе постариот „Боинг 747“ за да можат членовите на американската војска во воздухопловна база во Велика Британија да го разгледаат новиот авион. Сепак, неколку американски медиуми, вклучувајќи го и „Њујорк тајмс“, објавија дека заканата од иранските прокси сили го предизвикала префрлувањето.

На новинарите во стариот авион од Анкара им било кажано да ги држат ролетните спуштени – чекор што вообичаено се резервира за воени зони – што ги зголемило сомневањата за безбедносни проблеми.

Замената на авионите предизвика обновено испитување на авионот подарен од Катар, за кој „Тајмс“ објави дека нема исти безбедносни карактеристики како постариот авион, вклучително и противракетна одбрана.

Кралското семејство на Катар го донираше луксузниот авион минатата година откако Трамп се пожали на состојбата на двата стари авиони „Боинг 747“ што служеа како „Ер Форс Уан“ од 1990 година. Авионот потоа беше брзо реновиран и го однесе Трамп за прв пат на 1 јули, во Северна Дакота. Само неколку дена подоцна, тој го однесе на неговото прво патување во странство во Турција.

Кога АФП го праша за извештајот на „Вашингтон пост“, Белата куќа испрати соопштение во кое ја бранеше безбедноста на новиот авион.

„Новиот „Ер Форс Уан“ е најсовремен авион кој е опремен со безбедносни протоколи на високо ниво кои ја обезбедуваат безбедноста на претседателот и неговиот персонал“, изјави директорот за комуникации Стивен Чунг во изјавата.