Трамп сака популисти и крајни десничари: Во чие друштво ќе биде Мицкоски на инаугурацијата

Меѓу оние за кои се знае дека се поканети се претседателот на Аргентина, Милеи, претседателот на Салвадор, премиерот на Унгарија Орбан


Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи веднаш по изборите отатува во Мар-а-Лаго да му ја честита победата на Доналд Трамп

 

Не е тајна дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сака популистички лидери – честопати ги фали за кршење на нормите и излегување надвор од законите за да се завршат работите.

Сега Трамп прекрши друга норма – и американската политичка традиција – со тоа што покани странски претседатели и премиери на неговата инаугурација на 20 јануари. Популистите и крајните десничари се на врвот на неговата листа на поканети гости. Меѓу нив, како што потврдија од македонската влада, е и премиерот Христијан Мицкоски.

Вицепремиерот Александар Николоски синоќа го објави присуството на Мицкоски на инаугурацијата, иако тоа посредно го кажа и самиот премиер во интервјуи за МИА околу Нова година. Гостувајќи на телевизија Алфа Николоски рече дека присуството на инаугурацијата на Трамп е „огромна и ретка работа“.

„Премиерот доби покана. Тоа е огромна и ретка работа, од регионот веројатно е единствениот што ќе присустува. Нешто што многу говори, покрај државата, и за него лично како е доживеан и како е ценет во најсилната држава во светот“, рече Николоски.

Бидејќи досега на ниедна инаугурација на американски претседател не биле канети странски гости да видиме како „лично е доживеан“ Христијан Мицкоски од наредната админсстрација и во чие друштво ќе се најде на свеченоста пред зградата на Конгресот. Записите на Стејт департментот кои датираат од 1874 година покажуваат дека ниту еден шеф на странска земја никогаш не присуствувал на претседателската инаугурација во САД.

Од прес-службата на тимот за транзиција сѐ уште не им даваат детали на американските медиуми кој бил поканет за инаугурацијата. Па ни името на Мицкоски не е споменато. Но за некои веќе се знае.

Поканет е поранешниот претседател на Бразил Жаир Болсонаро. Тој самиот ја објави на Икс таа вест, велејќи дека се надева дека ќе отиде во Вашингтон на заклетвата. Болсонаро рече дека неговиот адвокат „веќе испратил барање … да ми се врати пасошот за да можам да присуствувам на овој почесен и важен историски настан“.

Поранешниот лидер, наречен „Трамп од тропските краишта“, е обвинет за заговор за државен удар во 2022 година за да остане на функцијата по неговиот пораз на гласањето за реизбор. Неговиот пасош беше одземен во февруари 2024 година, откако бразилските власти го обвинија него и десетици други како дел од наводниот заговор за „насилно разбивање на уставната држава“.

Потоа, тука е претседтелот на Аргентина, Хавиер Милеи. Тој беше еден од првите странски лидери што се сретна со Трамп лично по неговата победа во 2024 година, најави дека планира да присуствува. Трамп еднаш го нарече екстремно десничарскиот либертаријански политичар и поранешен телевизиски коментатор, избран во ноември 2023 година, негов „омилен претседател“, делумно поради тоа што сака да ги намали трошоците за да ја скроти инфлацијата. Како и Трамп, тој ужива да ги напаѓа своите политички ривали со зборови како „паразити“ и „политичари крадци“, а аргентинскиот Конгрес го нарече „гнездо на стаорци“.

Премиерот на Унгарија Виктор Орбан, еден од најдолгите и најсилните странски сојузници на Трамп, наводно „сè уште размислува“ дали ќе присуствува. Од неговиот реизбор за премиер во 2010 година, Орбан е обвинет за поткопување на демократијата, слабеење на независноста на судството и огромно зголемување на корупцијата во Унгарија. Трамп го пречека Орбан во Мар-а-Лаго по неговата изборна победа.

Трамп ја покани италијанската премиерка Џорџа Мелони на неговата инаугурација, а исто така ја пречека и во Мар-а-Лаго на изненадувачка вечера и филм минатиот викенд, пофалувајќи ја како „фантастична жена. Мелони се противи на правата на ЛГБТК+ и абортусот и вети дека ќе постави поморски блокади за да ги блокира мигрантите да стигнат до европските брегови. На знамето на нејзината партија се наоѓа тробојниот пламен популаризиран од диктаторот Бенито Мусолини и таа сè уште користи слоган што го фаворизираа фашистите – „Бог, татковина и семејство“.

Во Вашингтон би требало да биде и претседателот на Салвадор, Најиб Букеле. Букеле, екстремно десничарски популистички лидер со врски со таборот на Трамп, е обвинет за извршување масовно кршење на човековите права, вклучително и илјадници произволни притворања. Тој го презеде вториот мандат во јуни и покрај уставната забрана во Салватор за последователен реизбор и го реформираше изборниот систем за да ја консолидира својата моќ. Букеле допрва треба да објави дали ќе присуствува, а Доналд Трамп Јуниор беше почесен гостин на инаугурацијата на Букеле минатата година.

Не е познато дали Трамп лично го поканил францускиот претседател Емануел Макрон да присуствува на инаугурацијата, иако двајцата уживаа во пријателска средба на големото повторно отворање на катедралата Нотр Дам во декември 2024 година.

Сепак, лидерот на десничарската француска политичка партија е поканет и ќе присуствува на настанот, според извештајот на „Политико“ објавен во средата. Лидерката на најголемата француска десничарска партија, Национален собир, Марин Ле Пен, наводно била оттурната настрана од тимот на Трамп, и место неа поканет уште подалечниот десничар, Ерик Земур, кој ја предводи партијата Reconquête. Земур ја прифатил поканата.

Минатата недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека сака да присуствува на инаугурацијата на Трамп, но сè уште не добил покана.

„Би сакал да [присуствувам], се разбира“, рече Зеленски за време на интервјуто за подкаст со Лекс Фридман. „Ќе размислувам што се случува тогаш во војната бидејќи има моменти на тешкотии, ескалација, многу проектили итн. Не можам да дојдам особено за време на војната, освен ако претседателот Трамп не ме покани лично“.

За време на прес-конференцијата на 16 декември, Трамп рече дека не го поканил Зеленски, но дека „ако сака да дојде, би сакал да го имам“.

Од рускиот претседател Владимир Путин, не беше побарано да присуствува на церемонијата на полагање заклетва на Трамп. Сепак, новоизбраниот претседател предложи за време на прес-конференцијата во вторникот да ќе се сретне со рускиот водач по инаугурацијата.

Трамп го покани кинескиот лидер Ши Џинпинг да присуствува на инаугурацијата, но тој ја одби поканата.

Навидум пријателските односи меѓу Трамп и британскиот премиер Кир Стармер можеби неодамна добија ладен пресврт, а а тој сè уште не е поканет на инаугурацијата. Пред изборите, Стармер и Трамп се сретнаа на двочасовна вечера и си разменија комплементарни зборови меѓу себе. По изборите, шефот на кабинетот на Стармер полета да се сретне со тимот на новоизбраниот претседател во Флорида и Вашингтон, а двајцата повторно разговараа по телефон во декември.

Додека Стармер можеби отсуствува, Најџел Фараж, кој ја предводи британската десничарска партија Реформа на ОК, треба да патува на инаугурацијата, и покрај тоа што има јавна расправија со Илон Маск. (Н.В.)