Трамп: Сѐ уште не сум изгубил доверба во Ким


Претседателот на САД, Доналд Трамп во интервју за американскиот сајт „Политико“ изјави дека сѐ уште не изгубил доверба во лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун.

Можно е дека во еден момент ќе биде (ќе ја загубам довербата), но сега никако, наведе Трамп.

Американскиот претседател претходно си ги препишуваше заслугите за стопирање на ракетните тестирања на Северна Кореја, сега не придава значење на неодамнешното лансирање на проектили.

Со краток дострел се и не сметам дека е прокоцкана довербата. Во еден момент можеби, но сега не. Станува збор за ракети со краток дострел и сето тоа се стандардни работи, наведе Трамп.

Северна Кореја вчера објави дека тестираше оружје со долг дострел. Објавата на Пјонгјанг е спротивна на претходната информација од Генералштабот на јужнокорејската армија дека на 9 мај се истрелани две ракети со краток дострел кои летале 420 односно 270 километри.

– Врховниот лидер Ким Џонг-ун е запознаен со планот за изведување на вежбите… со помош на неколку ударни средства со долг дострел и издаде наредба да почне вежбата, објави вчера севернокорејската агенција КЦНА, не наведувајќи го типот на тестирано оружје, а исто така не е употребен зборот ракета.

Северна Кореја официјално не лансирала ниту една ракета од ноември 2017 година, кога истрела интерконтинентална балистичка ракета, која може да стигне до американска територија.