Трамп размислува да го откаже преносот во живо од погубувањето -осудениот бил парализиран
Претседателот Доналд Трамп и неговите советници размислуваат дали да ги откажат плановите за пренос во живо од погубувањето со стрелачки вод на напаѓачот од „Форт Худ“, откако Трамп приватно изјавил дека првично не знаел оти Нидал Хасан е парализиран од половината надолу, изјавија за Си-ен-ен (CNN) два извора запознаени со разговорите.
Претседателот не бил свесен дека министерот за одбрана Пит Хегсет минатата недела објавил оти администрацијата планира да ѝ дозволи на јавноста да го следи погубувањето, велат изворите, и на почетокот не бил сигурен како да гледа на тоа. Сепак, Трамп цврсто ја поддржувал одлуката Хасан да биде погубен со стрелачки вод, изјавија повеќе официјални лица за Си-ен-ен, и често ја бранел таа одлука во јавноста. И откако Хегсет во четвртокот на платформата „Икс“ (X) потврди дека Пентагон планира пренос во живо од погубувањето, Трамп се консултирал со неколку свои советници и сојузници за тоа како да се постапи.
Токму за време на тие разговори Трамп дознал дека Хасан е парализиран од половината надолу – тој бил застрелан во грбот од полицијата за време на пукањето во „Форт Худ“ во 2009 година – и дека сега користи инвалидска количка, велат изворите, што ја направило идејата за јавно прикажување на погубувањето помалку прифатлива за претседателот.
Еден од изворите запознаени со разговорите посочи на длабокото разбирање на Трамп за визуелната претстава и впечатокот што се остава во јавноста, како клучна причина зошто тој може да се откаже од плановите за пренос во живо. Претседателот исто така го слушнал аргументот дека јавното погубување со стрелачки вод би можело да послужи како пропаганда за странските противници и терористите, кои би се обиделе да го прикажат Хасан како маченик, изјави советник на Трамп за Си-ен-ен.
Во вторникот, Белата куќа ја упати редакцијата на Си-ен-ен кон коментарите на претседателот од саботата, во кои тој признал дека има „две мислења“ за тоа што да се прави и рекол дека тој ќе ја донесе конечната одлука.
„Тој беше свиреп. Беше насилен“, им рече Трамп на новинарите за Хасан за време на викендот. „Постојат две мислења: да не се прикажува и да се прикажува. Бидејќи, знаете, со самото прикажување, можеби други луѓе нема да го прават она што го направи тој. Значи, на крајот јас ќе донесам одлука. Знам што би сакала да направи војската, но ние ќе донесеме одлука.“
Пентагон исто така ги преиспитува плановите за целосен пренос во живо на погубувањето, според извор запознаен со дискусиите. Дури и да има пренос на настанот, рече изворот, тој веројатно ќе биде прекинат пред да се испукаат истрелите, делумно поради загриженоста дека тој момент би можел да послужи како можност за пропаганда на терористичките групи.
Канцеларијата на Хегсет не одговори на дополнителните барања за коментар околу тоа дали се променети плановите за пренос во живо на погубувањето. Планот за пренос во живо на погубувањето наиде на противење од двете партии, а луѓето во Пентагон и во Армијата беа затекнати, како што претходно објави Си-Ен-Ен.
Трамп во петокот им рече на новинарите дека не бил вклучен, но изјави: „Ја разбирам одлуката“, додавајќи дека некои луѓе „сакаат да дадат пример“ преку преносот во живо на погубувањето.
Хегсет првично препорача смртна казна со стрелачки вод за Хасан – кој беше осуден за убиство на 13 лица и ранување на десетици други – а Трамп ја одобри таа одлука. Погубувањето, кое е закажано за 3 декември во Форт Худ, би било прво такво погубување на војник од страна на американската армија по Втората светска војна и прва изречена смртна казна за припадник на вооружените сили во последните 65 години.
Хасан, американски државјанин со палестинско потекло, изјави дека цел му биле војниците со кои требало да замине во мисија во Авганистан и дека сакал да ги заштити Талибанците и нивните лидери од американската војска.