Трамп првпат се појави во јавноста по излегувањето од болница: Се чуствувам одлично и продолжувам со кампањата


Американскиот претседател Доналд Трамп за првпат по напуштањето на болницата каде беше сместен поради инфицирањето со коронавоирус, синоќа се појави во јавноста.

-Се чувствувам одлично, изјави Трамп од терасата во Белата куќа.

Британскките медиуми пренесуваат дека Трамп, кој се појави со маска, што ја отстрани од лицето за време на говорот, се обрати за време на настанот „Мирен протест за работа и ред“, на кој присуствуваа неколку стотици луѓе кои стоеја на тревникот под терасата.

„Гласот на Америка“ наведе дека Трамп за време на својот 16-минутен говор, меѓудругото, кажа дека вакцината против Ковид-19 ќе биде развиена многу брзо.

Лекарот на американскиот претседател, д-р Шон Конли, изјави дека Трамп имал негативен тест на коронавирус, што значи дека не постои ризик тој да биде носител на инфекцијата.

По повлекувањето од изборната кампања поради Ковид-19, Трамп сега планира да ја продолжи изборната кампања со Џо Бајден, неговиот претседателски противкандидат од Демократската партија.

Американскиот претседателот утре ќе отпатува за Флорида, една од клучните држави за победа на претседателските избори, во вторник ќе биде во Пенсилванија, а во среда во Ајова, каде ќе одржи говори пред неговите приврзаници.

Во своето обраќање од балконот на Белата куќа, Трамп ги обвини демократите дека имаат намера да водат „социјалистичка“, па дури и „комунистичка политика“ во Америка.