Трамп потпиша извршна уредба со која се намалува бројот препорачани вакцини за деца во САД


Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа потпиша извршна уредба со која се предвидува намалување на бројот вакцини препорачани за деца, ограничувајќи ја програмата за вакцинација на 11 вакцини.

Со уредбата, исто така, се препорачува комбинираната вакцина против мали сипаници, заушки и рубеола (ММР) да се подели на три одделни вакцини, што би се примале одвоено.

„Мојата администрација од овој момент ги признава препораките на златниот стандард за вакцинација на децата, кои опфаќаат само 11 основни вакцини против најсериозните и најопасните болести, плус ММР, која, се надеваме, ќе биде поделена“, изјави Трамп за време на церемонијата на потпишување во Белата куќа.

„Америка препорачуваше повеќе вакцини за децата од која било споредлива земја, па дури и двојно повеќе дози од некои европски земји“, рече тој.

Американскиот министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, долгогодишен критичар на вакцините, беше предводник на напорите за укинување на универзалната препорака за вакцинација на децата против хепатит Б и за намалување на списокот препорачани вакцини, повикувајќи се на поврзаност меѓу вакцините и аутизмот.

Кенеди во јануари од американската програма за вакцинација отстрани вакцини против шест од вкупно 17 болести, но Федерален суд ја оспори таа одлука.

Извршната уредба на Трамп предвидува федералната влада во иднина да поддржува само 11 преостанати вакцини. Во извршната уредба се наведува дека со неа се потврдуваат измените иницирани од Кенеди, независно судската постапка што се уште е во тек.