Трамп планира да им се врати на митинзите веќе од утре

Американскиот претседател, кој се опоравува од Ковид-19 одбива да каже дали бил тестиран негативен

 

Доналд Трамп, кој сè уште се опоравува од Ковид-19, сугерираше дека би можел да организира митинг во Флорида во сабота, додека продолжува да ги игнорира прашањата дали има негативен тест за оваа болест.

Во четвртокот вечерта, Трамп рече: „Мислам дека ќе се обидам да направам митинг во сабота навечер, ако можеме, ако имаме доволно време да го подготвиме. Ние сакаме да направиме митинг во Флорида, веројатно во сабота навечер, може да се вратиме и да направиме еден во Пенсилванија, следната вечер“.

Запрашан од Шон Ханити од Фокс њуз во четвртокот вечерта дали има негативен тест за корона вирус – или дали воопшто бил тестиран од неговиот позитивен тест минатата недела – претседателот не одговори директно, наместо тоа ги промовираше експерименталните лекови што ги користел. Тој рече дека најверојатно ќе биде тестиран во петок.

Во интервјуто, за време на кое тој зборуваше со рапав глас, на моменти паузирајќи за да кашла, претседателот прескокнуваше од една десничарска тема на друга. Тој, исто така, ги спомена абортусите како „предвремени егзекуции“, откако извештаите потврдија дека третманите што ги направил за лекување на неговиот Ковид-19 биле развиени со употреба на клетки добиени од абортирани фетуси – практика на која се спротивставува неговата администрација.

Лекарот на Трамп, д-р Шон Конли, рече дека предвидува Трамп да може да се врати во јавните ангажмани во сабота, откако првично сугерираше дека претседателот можеби нема да може да се врати во јавниот живот до понеделник. Центрите за контрола и превенција на болести препорачуваат пациентите со Ковид-19 да можат да бидат околу други лица 10 дена откако ќе се појават првите симптоми, под услов да немале треска во претходните 24 часа.

Во четвртокот вечерта, претседателот сугерираше дека ќе биде подготвен да дебатира со Бајден, ако модератор е Ханити или некој друг од верните водители на Фокс њуз.

Претседавачот на непартиската комисија за претседателски дебати за Асошиетед прес изјави во четвртокот дека комисијата нема да ја смени одлуката за виртуелната дебата и дека за последната дебата, закажана за 22 октомври, сѐ уште стои дека треба да се одржи со двајцата кандидати присутни како што беше планирано.

Во четвртокот се покажа дека шефот на кабинетот на Белата куќа Марк Медоус одржал затворена венчавка со 70 лица за неговата ќерка во Атланта во мај во спротивност на државните и општинските упатства, објави „Њујорк тајмс“.