Трамп очекува дека ќе бидат оспорени резултатите од идните избори


Американскиот претседател, Доналд Трамп, смета дека за резултатите од изборите во ноември ќе одлучува Врховниот суд, додавајќи дека затоа е важно судот да има девет судии.

Зборувајќи на настан во Белата куќа, Трамп кажа дека републиканскиот сенатор Линдзи Греам, кој е претседател на Судскиот комитет на Сенатот, дури и не мора да одржи дебата за кандидатот за Врховниот суд и дека процесот ќе биде брз.

-Мислам дека тоа ќе заврши на Врховниот суд и мислам дека е многу важно да имаме девет судии, рече американскиот претседател на прашањето дали треба да има комплетен состав од судии за потенцијалната одлука во евентуалните спорови околу резултатите од изборите на 3 ноември, на кои ќе му се спротивстави демократскиот кандидат Џо Бајден, наведуваат британските медиуми.

Трамп изрази сомнеж во исправноста на изборите, тврдејќи дека испраќањето гласови по пошта доведува до измама.

-Оваа измама, извршена од демократите, е измама што ќе биде изнесена пред Врховниот суд на САД и мислам дека не е добро да се има ситуација каде што може да се случи исходот 4-4, рече Трамп, пренесе Хина.

Во историјата на претседателските избори во САД, Врховниот суд само еднаш мериторно одлучи за резултатот, и тоа во 2000 година кога Џорџ В. Буш и Ал Гор се бореа за местото во Белата куќа.

Трамп сака што побрзо да го номинира наследникот на либералната судијка Рут Бадер Гинзбург, која почина во петокот, за да може Сенатот, во кој републиканците имаат мнозинство, да одржи гласање пред да почнат изборите. Со назначување на конзервативен судија, односот на силите во Судот ќе се промени на 6-3 во корист на конзервативците.

Американскиот претседател најави дека името на кандидатот ќе го соопшти в сабота, а појасни дека избира меѓу пет имиња. Во понеделникот, тој се состана со судијката Еми Кони Барет од Чикаго, која се смета за главен фаворит за позицијата во Врховниот суд.

Во неговиот прв претседателски мандат, Трамп во Врховниот суд веќе назначи двајца конзервативни судии, Нил Горшуч во 2017 и Брет Кавано во 2018 година. Назначувањето за судија на Врховниот суд е доживотно, а номинацијата мора да биде потврдена од Сенатот во кој републиканците имаат 53 од 100 места.