Трамп не сака челичарницата „Ју-Ес стил“ да оди во странски раце


 Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно изјави дека американската челичарница U.S. Steel („Ју-Ес стил“) не треба да премине под контрола на странски сопственик.

Со тоа, Трамп дополнително ги намали надежите на јапонската компанија Nippon Steel („Нипон стил“) дека американските власти ќе ја одобрат нејзината понуда од 14,9 милијарди долари за преземање на U.S. Steel.

– Не сакам ‘Ју-Ес стил’ да оди во Јапонија, изјави Трамп во средата, по што акциите на оваа 124-годишна американска компанија паднаа за 7 отсто. Подоцна, двете компании соопштија дека тесно соработуваат со администрацијата на Трамп за да обезбедат „значителна инвестиција“.

Трамп зборуваше со новинарите во авионот Ер форс 1 при враќањето од неговиот имот на Флорида во Вашингтон. Тој најави дека следната недела ќе ги објави царините за увоз на полуспроводници, но напомена дека ќе има одредена флексибилност за некои компании во секторот.

Американската царинска служба објави нови насоки според кои мобилните телефони и компјутерите ќе бидат исклучени од царинските давачки. Трамп претходно рече дека ова исклучување ќе важи само краток период.