Трамп не бил сам, му помагале Помпео и Бар


Обидот во последните неколку месеци на Доналд Трамп да ја преработи историјата на претседателските избори во САД во 2016 година и да ја постави сцената за реизбор во 2020 година е повеќе географски раширен и повеќе зависен од секојдневното учество на врвни членови на кабинетот отколку што претходно беше објавено.
Вилијам Бар, јавен обвинител и Мајк Помпео, државен секретар, колективно учествуваа во контактите меѓу Трамп и лидерите на најмалку четири странски земји, според повеќекратни извештаи.
Тие контакти беа насочени кон создавање приказни што можат да му наштетат на Џо Бајден, потенцијалниот противник на Трамп во 2020 година или да произведат приказни што можат да ја поткопаат оценката на американската разузнавачка заедница од 2017 година за руското вмешување на последните избори, велат извештаите.
Истрагата за отповикување започната минатата недела во Претставничкиот дом беше поттикната од познатите контакти на администрацијата на Трамп со една земја: Украина. Но сликата за досегот на Трамп кон дополнителни потенцијални странски партнери и обемот на вклученост на највисоките владини претставници во напорите брзо се менуваше.
Бар и Помпео – чии огромни портфолија номинално значат спроведување на кривичната правда во Соединетите Држави до обезбедување меѓународни сојузи и борба против заканите во странство – одделно се обидоа да се дистанцираат од откритието што се тркала како лавина дека однесувањето на Трамп за работите на државата очигледно, во значителен дел, биле посветени на амбициите на претседателот.
Претходно беше известено дека Бар бил „изненаден и лут“ кога го пронашол своето име споменато во резимето на разговорот меѓу Трамп и украинскиот претседател, додека Помпео, кога го прашале што знае за тој телефонски повик, одговорил дека не видел копија на документот кој го обелодени свиркачот: „Јас не сум ја видел жалбата“, изјави тој за Еј-би-си.
Всушност, Помпео, според „Волстрит џурнал“, учествувал во повикот, повикувајќи се на висок функционер на Стејт департментот. Од своја страна, Бар отиде во Италија и во Лондон за да побара помош да ги „истражи“ корените на истрагата за Русија, објави „Вашингтон пост“. Трамп, исто така, побара помош од австралискиот премиер Скот Морисон, а Морисон се согласи да помогне, нешто што го потврди австралиската влада.
„Треба да нè вознемири сите што јавниот обвинител лета во странство и своето време го посветува на дискредитирање на потеклото на истрагата на Милер, наместо да се бори против криминалот овде во САД“, твитна поранешниот федерален обвинител Ренато Мариоти.
Министерството за правда се спротивстави на оваа карактеризација соопштувајќи дека посетата на Бар била вообичаена работа на обвинителот.
Обидите на Трамп да ја преработи историјата на изборите во 2016 година и да победи на изборите следната година се во фокусот на истрагата за импичмент. Трамп сака да победи искористувајќи ги овластувањата на неговата канцеларија за да ги окарактеризира своите политички противници како корумпирани. (Гардијан)