Трамп нареди истрага за измама против пријателот на македонските власти, Ричард Гренел
Во срцето на измамата се 17,6 милиони долари кои турски бизнисмен ги платил за Центарот „Кенеди“ и софтвер за ДР Конго
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди истрага против неговиот советник Ричард Гренел поради обвинувања за злоупотреба на влијание, објави медиумот „Аксиос“.
Според изворите на „Аксиос“, истрагата ја спроведува Канцеларијата на правниот советник на Белата куќа, а причината се информациите што му ги доставила на Трамп овој месец сопругата на турскиот бизнисмен, Алина Хаба, која претходно беше советник и адвокат на американскиот претседател.
Таа тврди дека во мај 2025 година Гренел му понудил на нејзиниот сопруг, Турхан Милдон, да донира во Центарот за сценски уметности „Џон Ф. Кенеди“, а за возврат тој ќе му обезбеди средби со претставници на администрацијата на Вашингтон и присуство на ВИП настани на кои би учествувал Трамп.
Според „Аксиос“, Гренел му испратил порака на Милдон со таа понуда.
„Во срцето на шемата е финансиска трансакција што вклучува софтвер од приватна компанија за одбрана со седиште во Хјустон и Демократска Република Конго“, рекле Хабе и Милдон во меморандум до Белата куќа, според текстот.
Милдон тврди дека по налог на Гренел платил 17,6 милиони долари на компанијата „Тексас армамент енд технолоџи“ (ТКАТ) и наведува дека парите требало да се поделат на два дела: еден дел за работата во Конго и речиси шест милиони долари за Центарот „Кенеди“.
Во прилог на своите тврдења, Милдон приложил порака од 2025 година, во која се зборува за донација на Центарот „Кенеди“ и „софтвер“ за Конго.
Таа порака била доставена до Белата куќа, како и финансиски документ од 29 мај 2025 година, кој покажува дека на споменатата компанија биле исплатени 17,6 милиони долари.
Сепак, година и пол подоцна, Милдон и Хаба тврдат дека откриле дека Центарот „Кенеди“ никогаш не ги добил тие пари, што ја натерало Хаба директно да се обрати кај Трамп и да го обвини Гренел дека им крадел милиони.
Алина Хаба упаднала во Овалната соба на 9 октомври и го обвинила Гренел дека го измамила нејзиниот сопруг да направи донација во Центарот „Кенеди“, која никогаш не пристигнала, објави прво Аксиос.
Кратко откако Хаба направила сцена во Белата куќа, Трамп го повикал правниот советник на Белата куќа, Вил Шарф, во Овалната соба и му наредил да го испита случајот.
Тука приказната станува мистериозна и матна. Не е јасно за што бил договорот за Конго, како се однесувал на Центарот „Кенеди“ или какви биле финансиските специфики.
Во текстот не се споменуваат никакви финансиски бројки, ниту за TКAT ниту за Центарот „Кенеди“. Но, извор запознаен со ситуацијата рекол за „Аксиос“ дека другата кореспонденција доставена до Белата куќа има финансиски специфики.
Финансиската трансакција испратена до TКAT не изгледа дека доаѓа од банкарската сметка на Милдон, како што Хаба првично му посочи на Трамп.
Наместо тоа, 17,6 милиони долари биле префрлени на TКAT од „Министерството за финансии“ на Конго во Киншаса, главниот град, каде што Милдон има бизнис и пристап до финансии, изјави функционер на Белата куќа.
„Се обидуваме да откриеме чии се овие пари“, рекол функционерот за „Аксиос“.
Сојузниците на Гренел доведоа во прашање сè, од позадината на Милдон како бизнисмен до неговите соработници, неговата возраст (има 29 години, но некои записи покажуваат дека има 25 години) и неговата свадба од 10 милиони долари минатиот месец со Хаба (42), со која почна да се забавува минатата година.
Додека „Њујорк тајмс“ ги испитуваше активностите на Милдон во Венецуела, тој се скара со Гренел, со кого беше во пријателски односи од 2024 година.
„Аксиос“ наведува дека Милдон го добил пристапот што му бил ветен во гореспоменатата порака. Извори од Центарот „Кенеди“ за „Аксиос“ изјавиле дека бил виден на ексклузивни настани, што значи дека бил меѓу главните донатори на администрацијата.
Гренел, кој беше на чело на Центарот „Кенеди“ од февруари 2025 година до март оваа година, негираше дека некогаш испратил таква порака и тврди дека сè што е поднесено против него е лага.