Трамп најавува тужби поради истрагите за изборите во 2016 година


САД – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека најверојатно ќе поднесе тужба против лица кои се вклучени во истрагата за наводната вмешаност на Русија во претседателските избори во САД во 2016 година.

– Веројатно ќе поднесам многу тужби против многу луѓе кои учествуваа во истрагата за изборите во 2016 година, рече Трамп на заедничка прес-конференција со финскиот претседател Саули Нинисте.

Тој не прецизираше на кого мисли, но повеќе пати изрази незадоволство од работата на некои централни фигури во истрагата што ја спроведе американскиот специјален иследник Роберт Малер, како што е поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, кого го разреши во мај 2017 година.

Истрагата на Малер не откри доволно докази дека Трамп и неговиот изборен штаб заговарале со Русија.

Малер исто така рече дека нема доволно докази за да се обвини некој службеник во кампањата дека работел како нерегистриран странски агент на Русија.