Трамп најави мерки за помош на американската економија заради корона вирусот


Претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделникот изјави дека ќе преземе „големи“ чекори за да и помогне на економијата поради негативните ефекти од корона вирусот и ќе разговара за намалување на данокот на плати со конгресмените.

„Разговараме за евентуално намалување или олеснување на данокот на плати, значително олеснување, многу суштинско олеснување“, рече Трамп пред новинарите.

Водечките демократи во Конгресот, претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, им рекоа на новинарите дека секое намалување на данокот на плати треба да биде ограничено на оние кои се засегнати од негативните ефекти поради вирусот, јави Ројтерс.

Претходно, претседателот Трамп потпиша легислатива за издвојување итни средства од 8, 3 милијарди долари за справување со корона вирусот, вклучувајќи и пари за развивање вакцина.

Меѓу предлозите што би можеле да се вклучат се обезбедување на снабдувањето со вода за луѓето, дури и ако тие не можат да ги платат сметките како резултат на кризата, проширено осигурување за невработеност, боледување и обезбедување храна за деца кои се потпираат на програми за училишна исхрана доколку училиштата се затворени.

Потпретседателот Мајк Пенс рече дека администрацијата се консултирала со Конгресот за обезбедување платени боледувања на работниците, идеја која Демократите веќе се обидувале да се спроведе.

Потезите на администрацијата на Трамп се случија откако берзите забележаа голем пад, и откако високи здравствени претставници побараа луѓето да избегнуваат крстарења, авионски патувања и големи јавни собири. За мерките се планира да се разговара и со директори на компании и на банки, како и со менаџерите на болници и на компании за здравствено осигурување.

Додека траеа дебатите за намалување на данокот на плати, врвниот економски советник во Белата куќа, Лери Кудлоу и други, се залагаа за специфични даночни кредити, заеми или директни субвенции за одредени индустрии или погодени области.

Намалувањето на данокот на плати може да ја поттикне потрошувачката и да им помогне на домаќинствата кои во спротивно не би можеле да ги платат навреме кириите, кредитите и медицинските услуги.

Како што се зголемуваат грижите заради вирусот, Вол Стрит беше зафатен од голем бран на продажби на акциите и намалување на нивната вредност. Индексот Дау џонс падна рекордни 2.000 поени по отворање на тргувањето, а индексот С & П 500 го забележа најголемиот еднодневен пад од декември 2008 година, во екот на финансиската криза. Падот на цената на нафтата од речиси 25 проценти придонесе за зголемување на стравот од рецесија.

Трамп, кој честопати вели дека берзата е мерило за неговиот економски успех, ги критикуваше медиумите дека пишувајќи за епидемијата со корона вирусот, како и демократите, ја претставиле состојбата „далеку над она што би го поткрепиле фактите“.