Трамп му покажа на претседателот на ЈАР видео од „гробница на белци“, што всушност е споменик


Доналд Трамп И Сирил Рамафоса во Белата куќа

Доказите за наводни масовни убиства на бели Јужноафриканци што американскиот претседател Доналд Трамп ги презентираше на состанокот со јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса во Белата куќа во среда вклучуваа слики од Демократска Република Конго, додека снимките прикажани за време на состанокот беа лажно претставени како да прикажуваат „масовни гробници“.

„Сите овие се бели земјоделци кои се закопуваат“, рече Трамп, држејќи печатен напис со слика за време на жестоката средба со јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса во Овалната соба.

Според „Гардијан“, сликата што ја придружува статијата е всушност снимка (скриншот) од видео објавено од Ројтерс на 3 февруари, на кое се прикажани хуманитарни работници како креваат вреќи со тела во конгоанскиот град Гома. Сликата е преземена од снимка на Ројтерс направена по смртоносните судири со бунтовниците М23, поддржани од Руанда.

Во друг момент од состанокот, Трамп го изненади Рамафоса пуштајќи видео за кое тврдеше дека докажува оти се врши геноцид врз белците во Јужна Африка. Видеото содржеше снимки за кои Трамп тврдеше дека ги прикажуваат гробовите на повеќе од илјада бели земјоделци, обележани со бели крстови.

Снимките снимени на автопатот што ги поврзува малите градови Њукасл и Нормандија во Јужна Африка всушност прикажуваат споменик, а не гробови.

Роб Хоатсон, кој го постави споменикот за да привлече внимание од јавноста, за Би-Би-Си изјави дека тоа не е место за погребување.

„Тоа беше споменик. Не беше подигнат траен споменик. Беше привремен споменик“, рече тој. Споменикот беше подигнат по убиството на двајца земјоделци Африканери во локалната заедница.

Видеото што Трамп го објави во среда содржеше неколку лаги и неточности, но имаше за цел да ја поддржи понудата на претседателот за „азил“ за прогонуваните бели земјоделци, што ја налути владата на Јужна Африка, која ги оспорува тврдењата.

Белата куќа тврдеше дека видеото покажува докази за геноцид врз белите земјоделци во ЈАР. Оваа теорија на заговор, која со години циркулира меѓу крајната десница, се базира на лажни тврдења.

Во видеото се појавува Џулиус Малема, жесток политичар познат по својата радикална реторика. Во неколку сцени, тој носи црвена беретка на неговата популистичка, марксистички инспирирана партија Борци за економска слобода (EFF) и извикува повици за „пресекување на грлата на белите“ и ја пее контроверзната песна против апартхејдот „Убиј го Бурот, убиј го земјоделецот“.

Трамп лажно тврдеше дека Малема е владин службеник, инсинуирајќи дека неговите провокативни слогани ја одразуваат официјалната политика кон белото малцинство во Јужна Африка. Малема е опозициски политичар кој стана познат по застапувањето на радикални реформи, вклучувајќи ја прераспределбата на земјата и национализацијата на клучните економски сектори.

Партијата го освои само четвртото место на минатогодишните избори со 9,5% од гласовите. За време на состанокот во Овалната соба, Рамафоса и неговата делегација се дистанцираа од реториката на Малема.

Рамафоса ја посети Вашингтон оваа недела за да се обиде да ги поправи односите со САД по постојаните критики од Трамп во последните месеци за законите за земјиште на Јужна Африка, надворешната политика и наводното лошо управување.