Трамп мора да им плати на „Њујорк тајмс“ и неговите новинари 400.000 долари
На поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, во петокот му беше наредено да плати речиси 400.000 долари за правни такси на „Њујорк тајмс“ и тројца истражувачки новинари, откако неуспешно ги тужеше поради приказната што доби Пулицерова награда за 2018 година за богатството и даночните практики на неговото семејство.
Весникот и новинарите Сузан Крег, Дејвид Барстоу и Расел Бутнер беа отфрлени од тужбата во мај. Тврдењето на Трамп против неговата отуѓена внука, Мери Трамп, дека таа го прекршила претходниот договор за порамнување давајќи им даночна евиденција на новинарите сè уште се чека.
Њујоршкиот судија Роберт Рид рече дека со оглед на „сложеноста на прашањата“ во случајот и другите фактори, разумно е Доналд Трамп да биде принуден да им плати на адвокатите на Тајмс и на новинарите вкупно 392.638 долари за правни трошоци.
„Денешната одлука покажува дека новоизменетиот статут на државата против SLAPP може да биде моќна сила за заштита на слободата на печатот“, рече портпаролката на „Тајмс“, Даниел Роадс Ха, мислејќи на њујоршкиот закон кој забранува неосновани тужби дизајнирани да ги замолчат критичарите. Ваквите тужби се познати како SLAPPs или стратешки тужби против учеството на јавноста.
„Судот испрати порака до оние кои сакаат да го злоупотребат судскиот систем за да се обидат да ги замолчат новинарите“, рече Роадс Ха.
Во посебна пресуда во петокот, Рид го одби барањето на Мери Трамп – сега единствената обвинета – случајот да се стави во мирување додека таа се жали на неговата јунска одлука што дозволи барањето на Доналд Трамп против неа да продолжи.
Адвокатот на Доналд Трамп, Алина Хаба, рече дека и понатаму се разочарани што „Тајмс“ и неговите новинари биле изземениод случајот. Таа рече дека се задоволни што судот „уште еднаш ја потврди силата на нашите барања против Мери и го негира нејзиниот обид да избегне одговорност“.
Тужбата на Доналд Трамп, поднесена во 2021 година, ги обвини „Тајмс“ и неговите новинари дека ја барале Мери Трамп како извор на информации и ја убедиле да ги предаде доверливите даночни записи. Тој тврдеше дека новинарите знаеле дека нејзиниот претходен договор за порамнување ѝ забранувал да ги открие документите што ги добила во спорот околу имотот на семејниот патријарх Фред Трамп.
Извештајот на „Тајмс“ ги оспори тврдењата на Доналд Трамп за сопствено богатство со документирање како неговиот татко, Фред Трамп, му дал најмалку 413 милиони долари во текот на децениите, вклучително и преку шеми за избегнување данок. Мери Трамп се идентификуваше себеси во книга објавена во 2020 година како извор на документите.
Во приказната на „Тајмс“ се вели дека Доналд Трамп и неговиот татко избегнувале даноци за подарок и наследство со методи кои вклучуваат основање лажна корпорација и потценување на имотот кај даночните власти. „Тајмс“ вели дека нивниот извештај се заснова на повеќе од 100.000 страници финансиски документи, вклучително и доверливи даночни пријави за таткото и неговите компании.
Доналд Трамп, кој бараше отштета од 100 милиони долари, тврдеше дека Мери Трамп, „Тајмс“ и новинарите „биле мотивирани од лична одмазда“ против него. Тој ги обвини дека учествувале во „подмолен заговор за да добијат доверливи и многу чувствителни записи што ги искористиле за своја корист“.
Мери Трамп (58) е ќерка на братот на Доналд Трамп, Фред Трамп Џуниор, кој почина во 1981 година на 42-годишна возраст. Таа е отворен критичар на нејзиниот чичко, кого го смета за „криминалец, суров и предавник“. (АП)