Трамп контра Винтур: Насловницата на „Вог“ не ме дефинира како прва дама


САД – Портпаролката на Меланија Трамп ѝ одговори на Ана Винтур откако таа сугерираше дека нема да ја стави актуелната прва дама на насловната страница на модното списание „Вог“ по едно неодамнешно интервју.

Додека разговараше за политиката на списанието со водителката на Си-ен-ен, Кристијан Аманпур, минатата недела, главната уредничка на „Вог“ не кажа експлицитно дека Меланија Трамп нема да биде на насловната страница на списанието, но кога беше побаран коментар од нејзина страна, канцеларијата на Трамп ги толкуваше цитатите како такви.

„Да се ​​биде на насловната страница на ’Вог’ не е нешто што ја дефинира г-ѓата Трамп, таа веќе била на насловната страница, направена многу години пред да стане прва дама“, рече Стефани Гришам, портпаролка на Меланија Трамп, во првите коментари добиени од ТВ Фокс, а кои подоцна ги споделија со „Хафпост“, нагласувајќи дека Трамп во моментов е во посета на воена база.

„Нејзината улога како прва дама на Соединетите Американски Држави и сè што прави таа е многу поважно од некоја површна фотосесија и насловна страница“, продолжи портпаролката Гришам. „Ова само покажува колку е тенденциозна индустријата на модни списанија и покажува колку, всушност, е несигурна и ограничена Ана Винтур.“

Во нивното интервју, Аманпур ја нарекла уредничката на „Вог“ „отворено политички настроена“, кога станува збор за профили.

„Сега чувствувам уште повеќе дека ова е моментот да се обидам и – мислам дека мора да биде фер, мора да се погледне од сите аспекти – но не мислам дека не е момент кога не треба да се покажа сопствениот став. Мислам дека не може да биде сè за секого“, рече Винтур. „И мислам дека е време кога живееме во свет, како што сите добро знаеме, на лажни вести“, додаде главната уредничка. „Верувам и мислам дека оние од нас што работиме во ‘Конде-наст’ мора да се залагаме за она во што веруваме и мора да заземеме своја гледна точка.“

Аманпур истакна дека имало повеќе демократски жени во списанието отколку републиканки и ја притисна Винтур да го објасни размислувањето зад овој потег.

„Како што реков претходно, мислам дека е многу важно да се има гледна точка“, рече Винтур. „Ние во списанието профилираме жени за кои веруваме дека со својот став покренуваат прашања што ние ги поддржуваме, како и во фактот дека чувствуваме дека се лидери.“

Хилари Клинтон беше првата прва дама која беше на насловната страница на „Вог“, а подоцна и првиот претседателска кандидатка поддржана од „Вог“.

Мишел Обама се најде трипати на насловната страница додека беше во Белата куќа и Винтур рече дека токму таа „ја редефинираше улогата на првата дама“.

Претходно се чинеше дека Винтур ќе ја стави Меланија Трамп на насловната страница откако нејзиниот сопруг Доналд Трамп победи на изборите и таа беше забележана во кулата „Трамп“.

„Ние имаме традиција секогаш да ја ставаме првата дама на насловната на ‘Вог’ и не можам да замислам дека овој пат ќе биде поинаку“, изјави Винтур за „Вол стрит џурнал“ во 2017 година.

Меланија Трамп беше на насловната страница на американското издание на  „Вог“ во 2005 година, веднаш по нејзината венчавка со Доналд Трамп.