Трамп ќе ја напушти Белата куќа четири часа пред инаугурацијата на Бајден


САД– Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп ќе полета од Вашингтон четири часа пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, соопшти Белата куќа.

Трамп и првата дама Меланија Трамп ќе заминат за Флорида во 8 часот по локално време.

Претходно Трамп соопшти дека нема да присуствува на инаугурацијата на Бајден.

Церемонијата е закажана за пладне, по локално време. Околу 25.000 припадници на Националната гарда се во Вашингтон. Безбедносните мерки во градот се драконски.

Според Си Ен Ен Трамп побарал да биде испратен со црвен тепих, воен лимен оркестар и почесна стрелба од 21 пушка. Засега не е познато дали неговото барање ќе биде исполнето, пред да го почне неговиот постпретседателски живот во неговиот голф ресорт Мар а Лаго во Палм Бич.

На само неколку часа пред напуштањето на функцијата, Трамп го помилува својот поранешен главен стратег Стив Банон. Во соопштението од Белата куќа се посочува дека листата со помилувани содржи 73 имиња, како и 70 на кои казната им е намалена. Меѓу помилуваните се и Елиот Броиди, поранешен соработник за прибирање финансиски средства за Трамп, кој минатата година се изјасни за виновен за кршење на законите за странско лобирање и поранешниот градоначалник на Детроит Кваме Килпатрик, кој издржуваше 28-годишна затворска казна по обвиненија за корупција. Раперите Лил Вејн и Кодак Блек, кои беа гонети за федерални дела за оружје, исто така добија помилување.

Сепак, голем број лица за кои се шпекулираше дека ќе бидат помилувани не се појавија на последната листа на претседателот, вклучително Руди Џулијани, Џулијан Асанж, Едвард Сноуден и Џо Егзотик. Трамп, исто така, наспроти гласините, не потпиша помилување за себе или членови на своето семејство.