Трамп ја продолжува кампањата со игнорирање на Хејли и фокусирање на Бајден


Кандидатот за републиканска номинација за претседател на САД Доналд Трамп во остатокот од кампањата ќе ја третира противничката Ники Хејли како „небитна“, па ќе ги прескокне нападите врз неа и ќе се фокусира на реваншот со актуелниот претседател Џо Бајден, соопшти изборниот штаб на Трамп.

Поранешниот претседател победи на пет прелиминарни избори на републиканците во Ајова, Њу Хемпшир, Невада, Американските Девствени Острови и Јужна Каролина, каде што ја победи Ники Хејли, поранешната гувернерка на таа држава и единствениот преостанат противник.

По неговата победа во Јужна Каролина, освојувањето на партиската номинација за претседателските избори во ноември за Трамп се чини неизбежна, додека шансите на Хејли за пресврт во трката за делегати остануваат минимални.

Советниците на Трамп затоа најавија дека ќе ја игнорираат Хејли, на чија кампања повеќе нема да обрнуваат внимание. Ваквата најава е во спротивност со претходниот дел од кампањата на Трамп, обележан со остри зборови кон Хејли, јавно исмејување, како и притисок врз нејзините донатори да ја сменат страната.

Сепак, и покрај победата во Јужна Каролина, независните и умерени гласачи би можеле да влијаат на исходот на републиканските прелиминарни избори и да му ја ускратат можноста на Трамп за уште една пресметка со Џо Бајден, сметаат аналитичарите.

Според излезна анкета на Едисно, шест од 10 независни гласачи во Јужна Каролина гласале за Хејли. Според истата анкета, Хејли освоила тенко мнозинство меѓу високообразованите белци.