Трамп ја потврди смртта на Хамза, омилениот син на Осама бин Ладен

Американскиот претседател Доналд Трамп ја потврди смртта на Хамза бин Ладен, омилениот син на Осама бин Ладен, кој претходно беше претставен како негов наследник на чело на Ал Каеда.

„Хамза бин Ладен, висок претставник на Ал Каеда и син на Осама бин Ладен, беше убиен во антитерористичка операција на САД во Авганистан и Пакистан“, се наведува во соопштението.

Првата вест за неговата смрт на 31 јули ја објави американската телевизиска мрежа Ен-би-си. Хамза бин Ладен беше на црната листа на САД на лица обвинети за тероризам. Неговиот татко, Осама бин Ладен е основач на Ал-Каеда, одговорна за терористичките напади на 11 септември 2001 година во САД. Тој беше убиен во мај 2011 година во американската специјална операција во Пакистан. После Бин Ладен, Ајман ал Завахири беше поставен на чело на Ал Каеда, но многумина веруваа дека Хамза е поценет во исламистичките кругови.