Трамп ја назначи Кејти Закарија за нова портпаролка на Белата куќа
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ја назначил Кејти Закарија за нова портпаролка на Белата куќа, на местото на Каролин Ливит, која ја напушти функцијата во август.
„За мене е огромна чест да ја назначам Кејти Закарија за портпаролка на Белата куќа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), изразувајќи уверување дека таа ќе „постигне одлични резултати за земјата“.
Закарија претходно накратко беше портпаролка на Министерството за внатрешна безбедност, а моментално работи како виш советник за комуникации во компанијата на Трамп, која управува со платформата Трут соушл. Како што посочи Трамп, таа работела и како коментаторка за конзервативните телевизиски мрежи „Фокс њуз“ и „Њузмакс“.
Трамп ја пофали Закарија како лојална поддржувачка која учествувала во неговите предизборни кампања, вклучително и во клучните сојузни држави во кои борбата за гласовите на избирачите е неизвесна.
„Таа има беспрекорна историја на поддршка и уште од самиот почеток е лојална и брилијантна соработничка“, напиша тој.
Трамп ѝ се заблагодари и на Каролин Ливит, оценувајќи дека таа е „одлична“ и дека завршила „фантастична работа“ како портпаролка.
Ливит ја напушти Белата куќа на крајот на август, откако Трамп околу две недели претходно неочекувано го објави нејзиното повлекување. Таа ја извршуваше функцијата од почетокот на вториот претседателски мандат на Трамп и на 27-годишна возраст стана најмладата портпаролка на Белата куќа во историјата на САД.
Трамп изјави дека Ливит одлучила да се повлече за да поминува повеќе време со семејството. Самата таа претходно соопшти дека ѝ било тешко да ги усогласи работните обврски со грижата за своите две мали деца.
За време на мандатот, Ливит стана позната по острите судири со новинарите. Таа често ги критикуваше репортерите и ги обвинуваше медиумските организации за ширење неточни информации.