Трамп им објави војна на социјалните мрежи

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа ја потпиша извршна наредба за ограничување на заштитата  на социјалните мрежи од тужби.

Трамп го потпиша указот откако пред два дена ја критикуваше компанијата Твитер, која ги повика корисниците да ги проверат фактите во два твита на американскиот претседател.

Тој првично се закани дека ќе ги затвори социјалните мрежи откако Твитер предупреди дека твитовите на Трамп водат кон дезинформации, а американскиот претседател ја обвини социјалната мрежа дека „ја задушува слободата на говорот“ и „се меша во претседателските избори 2020“.

Со декретот се задолжуваат извршните институции, вклучително и Федералната комисија за комуникации и Федералната комисија за трговија, да испитаат дали на компаниите кои поседуваат социјални мрежи можат да им се воведат нови деловни правила.

Експерти од таа област изразија сомнежи дека тоа е можно без одобрување од Конгресот.