Трамп го потпиша историскиот договор за Гренланд
Првите анализи велат дека тоа е голема победа за Данска и Гренланд
Лидерите на Гренланд и Данска потпишаа ажуриран договор за одбрана со САД во Њујорк во вторник, со што се стави крај на долгиот спор што произлезе од првите претензии на Трамп кон арктичкиот остров во 2019 година.
Договорот го менува договорот за одбрана од 1951 година, кој веќе им дава на САД широк воен пристап до данската територија на Арктикот.
Новиот договор е кулминација на месеци преговори по годините тензии околу Гренланд.
По потпишувањето на договорот Трамп рече дека тоа „беше неверојатно патување со прекрасни луѓе“, данската премиерка Мете Фредериксен и премерот на Гренланд Јенс-Фредрик Нилсен.
„Ќе имаме одличен однос, безбеден однос“, рече тој.
Тој им се заблагодари за договорот и вели дека ќе работат „многу напорно“ на неговото спроведување.
Тој вели дека договорот е „долго време во подготовка“ – „многу децении, веројатно векови“ – и дека ќе биде „огромен за Европа и за САД и за сите“.
Данската премиерка Фредериксен рече дека Данска „секогаш го држела својот збор“ и била сојузник на САД.
„Секогаш сте можеле да се потпрете на него, а овој ден претставува пресвртница во нашата долгогодишна соработка“, вели таа.
Таа вели дека страните потпишуваат „уште поголем и подобар договор, договор што може да трае вечно“.
„Овој договор е добар за Соединетите Американски Држави. Добар е за Гренланд, за Данска, за НАТО алијансата, а со тоа и добар за Европа“, вели таа.
„Со други зборови, ја зајакнуваме нашата заедничка безбедност, го зголемуваме нашето заедничко одвраќање, им покажуваме на нашите противници кои сме и го правиме тоа заедно“.
Фредериксен вели дека на ниту еден противник „нема да му биде дозволено да добие никаква контрола или значајно влијание во Гренланд“. Таа исто така вели дека договорот „ја нагласува важноста на НАТО алијансата“.
Премиерот на Гренланд, Нилсен, рече дека ова е „многу важен ден за нашата безбедност“ кој „се надоврзува на 85 години безбедносна соработка“ од Втората светска војна.
Тој нагласи дека „ова не е само договор за нас, туку договор со нас“.
„Ги зема предвид луѓето од Гренланд, нашите права, нашите средства за живот и развојот на нашата земја. Ова беше клучен приоритет за нас во текот на овој процес“, рече тој, велејќи дека затоа Гренланд „инсистираше на вклучување во конструктивен дијалог“.
„Гренланд е важен за безбедноста на Северна Америка и за трансатлантската безбедност. И овој договор одразува дека ја разбираме нашата одговорност и дејствуваме соодветно“, вели тој.
„НАТО е важен. Веруваме дека е од витално значење да се одржи НАТО силен, исто така и на Арктикот, каде што алијансата има клучна улога.
Овој договор треба да ги отстрани сите сомнежи денес и во иднина за тоа каде лежи лојалноста на Гренланд.
Тој го нарече „договор од кој сите добиваат“.
Првите анализи велат дека тоа е голема победа за Данска и Гренланд, бидејќи договорот вклучува специфична експлицитна одредба за „потврдување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството Данска и признавање дека народот на Гренланд претставува народ согласно меѓународното право со право на самоопределување“.
САД ќе „модернизираат и прошират своите активности во вселенската база Питуфик“ – тоа е базата што ја посети Џ.Д. Венс минатата година – и ќе воспостават воени бази во Нарсарсуак (таму веќе имаа воена база во 50-те години) и во Местерсвиг, „во согласност со модалитетите и техничките детали што ќе бидат меѓусебно договорени од страните“.
„САД можат да воспостават дополнителни одбранбени области во Гренланд и да ги зајакнат своите воени операции или објекти“, се вели во текстот.
Американските авиони исто така можат „да летаат над и да слетуваат на која било територија во Гренланд“, предвидува договорот, вклучувајќи ги и територијалните води.
Данска и Гренланд, исто така, се согласија да „ги разгледаат барањата за воспоставување беспилотни воени инсталации во Гренланд надвор од одбранбените области според забрзани владини процедури за одобрување“.
Исто така, постои и дополнителна одредба дека на која било инвестиција од земја што не е членка на НАТО во партнерска земја не треба да ѝ биде дозволено „да има контрола, значајно влијание или пристап до информации што не се јавни и кои можат да претставуваат закана за националната безбедност или јавниот ред“.
Овој став ќе го сметаат САД како обид да се одврати каков било интерес од Кина или Русија. Друг дел од договорот, исто така, зборува за заедничка работа за справување со заканата од шпионажа.
Договорот нема датум на завршување и разгледува потенцијално релевантни идни сценарија, како што е независноста на Гренланд во иднина.
Во него се вели дека независниот Гренланд ќе треба да „се согласи да остане во НАТО“ и да ги продолжи сите аранжмани како што е договорено во договорот.