Трамп го обвини „Гласот на Америка“ за „срамно информирање“


Американскиот претседател Доналд Трамп и неговите приврзаници ја обвинија за „срамно известување“ Гласот на Америка, институција финансирана од САД и формирана во Втората светска војна заради емитување независни вести и промовирање на американските вредности.
Советникот за комуникации на Трамп – Ден Скавино, на 9 април на Твитер објави текст на Гласот на Америка за Кина. Покрај текстот, Скавино напиша дека „американските даночни обврзници ја плаќаат пропагандата на Кина преку Гласот на Америка, финансирана од САД“ и додаде „Срамно!“.
Иако текстот кој го објави Скавино всушност беше извештај на Асошиејтед прес, Белата куќа следниот ден го обвини Гласот на Америка дека ги користи парите од даночните обврзници за да „зборува во името на авторитарните режими“, откако беше соопштено дека во Вухан е укината забраната за движење, кинексиот град каде прво се појави жариште на новиот корона вирус.
Неколку дена подоцна, начинот на известување на Гласот на Америка Трамп го оквалификува како „одвратен“ и побара Сенатот да го именува конзервативниот филмски продуцент Мајкл Пек на чело на Американската агенција за глобална радиодифузија. Таа Агенција ја надгледува работата на Гласот на Америка и Радио Слободна Европа, Радио Слободна Азија и Радио Марти, чиј фокус е на Куба.
За именувањето на Пек за директор на таа Агенција денеска да гласа Надворешно-политичката комисија на американскиот Сенат. Се очекува изборот да биде потврден, со оглад на тоа што во во таа Комисија мнозинството се од Републиканската партија.
На сослушувањето во Конгресот во септември, Пек ја отфрли можноста дека со неговото именување Трамп може да добие контрола над Гласот на Америка.