Трамп го назначи Вил Шарф за правен советник на Белата куќа


Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го назначи Вил Шарф, актуелен секретар за персонал на Белата куќа, за правен советник на Белата куќа и помошник на претседателот.

Како што се посочува во соопштението од Белата куќа, Шарф ќе ја преземе функцијата на 1 септември, заменувајќи го Дејвид Ворингтон кој ја напушта администрацијата и ќе продолжи да работи во приватниот сектор. Ворингтон беше личен правен советник и адвокат на Трамп за време на неговата претседателска кампања во 2024 година.

Трамп истакна дека Шарф претходно работел како федерален обвинител и го застапувал во повеќе случаи, вклучително и пред Врховниот суд на САД. Шарф ја предводеше и Националната комисија за планирање на главниот град која во април даде конечно одобрение за проектот на Трамп за изградба на балската сала во Белата куќа, вреден 400 милиони долари.

„Вил е цврст, силен и паметен. Тој исто така ја сака нашата земја и го почитува законот“, напиша Трамп на својата платформа „Truth Social“, додавајќи: „Вил Шарф одлично ќе ја извршува функцијата правен советник на Белата куќа“.

Правниот советник на Белата куќа го советува претседателот за правни и политички прашања поврзани со претседателската функција. Канцеларијата е главната врска на Белата куќа со Министерството за правда, а меѓу нејзините надлежности се и претседателските помилувања, судските именувања, разгледувањето на законите, како и справувањето со конгресните истраги и судските постапки против претседателот во службено својство.

Назначувањето на Шарф доаѓа во чувствителен период за администрацијата на Трамп, само неколку месеци пред изборите за Конгресот, на кои Републиканската партија ќе се обиде да ја задржи контролата врз Конгресот. Демократите најавија истраги за Трамп и неговата администрација доколку победат на изборите во ноември.

Шарф во јули 2025 година беше назначен од Трамп за претседател на Националната комисија за планирање на главниот град, федерална агенција надлежна за изградба и големи реконструкции на владините објекти во регионот.

Проектот за балската сала на Трамп доби одобрение од Федералната комисија, но во петокот Федералниот апелациски суд нареди запирање на изградбата со образложение дека за проектот не е добиена согласност од Конгресот. Трамп најави жалба до Врховниот суд.

Изградбата веќе е во напредна фаза и објектот почна да се издигнува над земјата на источната страна од Белата куќа.