Трамп го нападна главниот експерт за заразни болести: „Луѓето се уморија од слушање на Фаучи и сите тие идиоти“


Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот повторно го нападна главниот стручњак за јавно здравје на САД, Ентони Фаучи, заради управувањето со кризата предизвикана од пандемијата на корона вирусот, нарекувајќи го „катастрофа“.

Трамп ова го рече во телефонски разговор со неговиот штаб за кампањата, кој бил проследен до Си-Ен-Ен и други американски медиуми.

„Луѓето се уморни од слушање на Фаучи и сите тие идиоти“, рече Трамп во понеделникот, тврдат извештаите.

Нападот врз Фаучи е особено значаен затоа што самиот Трамп гледа до кој степен јавноста има доверба и негува почит кон водечкиот американски експерт за заразни болести.

Инаку, кампањата на Трамп дури го користи Фаучи во неговите изборни видеа. Фаучи остро се спротивстави на таквата употреба во кампањата на Трамп затоа што тој е строго непартиска личност.

Со долгиот спор околу носењето маски, тоа беше неговото последно соочување со Белата куќа и Трамп.

Во интервју за телевизијата ЦБС емитувано во неделата вечерта, Фаучи остро ја критикуваше администрацијата на Трамп, велејќи дека Трамп изгледа погрешно го поистоветува носењето маски со „слабост“.

Фаучи рече дека воопшто не е изненаден што Трамп се зарази со коронавирус затоа што не ги следи упатствата за социјално дистанцирање и не користи маска.

Тој исто така рече дека Белата куќа го спречила да се појавува во медиумите онолку колку што би сакал да ја информира јавноста за пандемијата.

Надлежната за комуникации во Белата куќа Алиса Фарах за Фокс њуз изјави дека Белата куќа не ги ограничува појавувањата на Фаучи во медиумите и дека никој не смее да биде обвинет за заразување со корона вирусот.