Трамп го брани синот Доналд Помладиот за свадбените трошоци платени од руски олигарх: Тоа е сосема дозволено
Американскиот претседател Доналд Трамп застана во одбрана на својот син, Доналд Трамп Помладиот, откако руски олигарх поврзан со Кремљ помогна да се платат трошоците за неговата свадбена прослава, јави ДПА.
„Тоа е сосема дозволено“, изјави Трамп синоќа во Овалната соба на Белата куќа, одговарајќи на прашањето дали е соодветно неговиот син да ги прифати парите.
„Но, колку што знам, тој му ги вратил парите“, додаде Трамп.
Трамп рече дека слушнал оти неговиот син првично воопшто не сакал да ги прифати парите.
„Еден човек што го познава, претпоставувам негов пријател, му организирал свадбена забава“, рече претседателот. „Тоа е многу вообичаено.“
Трамп додаде дека и самиот организирал свадбени прослави за многу луѓе, вклучително и на својот имот „Мар-а-Лаго“ на Флорида.
Истражувачкиот портал „ПроПублика“ (ProPublica) претходно оваа недела објави дека рускиот олигарх Умар Кремлев помогнал во финансирањето на свадбената прослава на Трамп Помладиот и неговата сопруга Бетина на Бахамите, одржана во мај.
Според извештајот, Кремлев покрил трошоци во висина од стотици илјади долари. Изнајмувањето на еден од приватните острови користени за прославата чинело околу 100.000 долари по ноќ, додека за огнометот биле потрошени околу 70.000 долари.
Кремлев е претседател на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) и одржува блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Според „ПроПублика“, Кремлев се запознал со Трамп Помладиот кратко пред свадбата, но присуствувал на прославата заедно со поголема група руски гости.
Трамп Помладиот и неговата сопруга потврдија дека Кремлев ја финансирал прославата во траење од две вечери, а Бетина во објава на Инстаграм ја опиша како „исклучително дарежлив свадбен подарок од пријател“.
Претседателот Трамп со години е под лупа на јавноста поради неговите врски со Русија. Истрагата спроведена од двопартискиот Комитет за разузнавање при Сенатот на САД заклучи дека Русија се обидела да влијае врз претседателските избори во 2016 година во корист на Трамп, потсетува ДПА.