Трамп: Германија ѝ плаќа на Русија милијарди за енергија, ние треба да ја чуваме?


Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека не разбира зошто САД треба да ја штитат Германија од Русија, по одлуката за повлекување на дел од воениот контингент на САД во оваа земја.

– Германија ѝ плаќа на Русија милијарди долари годишно за енергија, а ние треба да ја браниме Германија од Русија. Зошто е сето тоа?, напиша Трамп денеска на Твитер.

Тој додаде дека „освен тоа Германија заостанува со два отсто исплати за НАТО. Затоа преместуваме дел од трупите надвор од Германија“.

Пентагон синоќа објави дека повлекува 11.900 војници од Германија, од кои 6.400 се враќаат во татковината а околу 5.600 ќе бидат стационирани во други држави на НАТО, како на пример Италија и Белгија. Но и дел ќе бидат распоредени во близина на Црното Море, поблиску до границите со Русија.

– Повлекувањето ќе започне во следните недели, изјави американскиот минстер за одбрана Марк Еспер.

Вкупниот број на американски војници во Германија ќе се намали до 24.000.

Германската Влада пак, имајќи го предвид најавеното повлекување на американските војници од Германија, заедно со погодените покраини, ќе се усогласи со Владата на САД и со НАТО, се наведува во заедничко соопштение на неколку германски владини институции.

Во соопштението пишува дека САД планира трајно да го намали бројот на американски војници во Германија за 6.400 војници, на вкупно 25.000 војници.

Повлекувањето и преместувањето на војници влијае на базите во Штутгарт, седиштето на УСЕУКОМ и УСАФРИКОМ, базата во Вилсек што припаѓа на големата база Графенвер и базата во Шпангдалем.

Во соопштението се истакнува дека плановите за повлекување и преместување на војниците можат дополнително да се променат, додавајќи дека спроведувањето на одлуката може да следи во краток рок.