Трамп: „ЕУ беше формирана да ги зафркне САД“
Американскиот претседател најави дека ќе воведе тарифи од 25 отсто за ЕУ, а блокот ќе возврати со контрамерка

Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини од 25 отсто на Европската унија, тврдејќи дека блокот од 27 земји е „формиран за да ги зафркне Соединетите Држави“.
Говорејќи на својот прв состанок на владата во средата, американскиот претседател рече дека наскоро ќе ги објави деталите за најновата тарифна закана. „Донесовме одлука и ќе ја објавиме наскоро. Ќе биде 25 отсто“, рече тој.
ЕУ вети дека ќе одговори „цврсто и веднаш“ на „неоправданите“ трговски бариери, сигнализирајќи дека е подготвена брзо да возврати на новите царини.
Блокот е трет најголем трговски партнер на САД заедно со Кина. Трамп рече дека следната недела ќе воведе царини од 25 отсто на двата најголеми трговски партнери на САД, Канада и Мексико.
Трамп не даде повеќе детали, но ги спомена производителите на автомобили и рече дека давачките ќе се применуваат „општо“. „И тоа ќе биде за автомобилите и сите други работи“, рече тој.
Портпаролот на Европската комисија рече: „ЕУ ќе реагира цврсто и веднаш против неоправданите бариери за слободната и фер трговија, вклучително и кога тарифите се користат за да се оспорат правните и недискриминаторските политики. ЕУ секогаш ќе ги штити европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царини“.
Трамп даде серија најави за воведување тарифи за најголемите трговски партнери на САД, но постојано го одложуваше воведувањето на давачките за Канада и Мексико.
Претходно оваа недела, Трамп ги бранеше своите тарифни закани и рече дека странските автомобили, лековите и полупроводничките чипови ќе бидат погодени за неколку недели.
Францускиот претседател Емануел Макрон се состана со Трамп во Вашингтон оваа недела и се покажа уверен дека го одвратил Трамп од трговскиот спор со ЕУ и наместо тоа да се концентрира на неговите зделки со Кина.
„Ајде, не можете да имате трговска војна со Кина и Европа во исто време. Се надевам дека го убедив“, изјави Макрон за Фокс њуз по средбата.
Според Блумберг, царините на Трамп би можеле да достигнат до 29,3 милијарди долари од извозот на блокот. ЕУ вети дека веднаш ќе возврати доколку САД воведат царини за извозот на нејзините земји-членки. „ЕУ не гледа оправдување за наметнување тарифи за нејзиниот извоз. Ќе реагираме за да ги заштитиме интересите на европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани мерки“, соопшти извршното тело на блокот претходно овој месец.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека ЕУ треба да стори се за да избегне „целосно непотребни и глупави тарифни војни“.
Многу економисти, па дури и конзервативни публикации, вклучително и „Волстрит џорнал“, предупредија дека плановите на Трамп ризикуваат да и наштетат на американската економија. Во средата, Трамп на Truth Social, неговата платформа за социјални медиуми, го нападна едиторијалот на „Џорнал“во кој се тврдеше дека неговите тарифи за Канада и Мексико ќе имаат контраефект, што ќе ѝ наштети на американската економија.