Трамп: Вакцина за новиот коронавирус до крајот на годината


Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека вакцината против новиот коронавирус ќе биде откриена до крајот на оваа година.

– Сметаме дека ќе ја имаме вакцината до крајот на оваа година, рече Трамп во изјавата за „Фокс њуз“.

– Лекарите ќе речат: Не смеете да го кажете тоа. Но, јас го кажувам она што мислам…Ние притискаме напорно и голем број на фармацевтски групи се, мислам, многу блиску, додаде тој.

На прашањето каква би била неговата реакција доколку друга земја ја открие вакцината пред САД, Трамп рече дека нема да се грижи.

– Не ми е грижа. Само сакам да имам вакцина што функционира.

Според Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, околу стотина проекти во тек се низ целиот свет за да се најде вакцина против коронавирусот, а се спроведуваат и десетина клинички испитувања.

Изразувајќи ја својата волја да и дозволи на земјата да ги продолжи своите активности на внимателен начин, но „што е можно побргу“, американскиот претседател беше оптимист за економските изгледи.

– 2021 година ќе биде неверојатна, нагласи Трамп, бранејќи ги своите постапки уште еднаш од почетокот на пандемијата на коронавирусот.

Во САД, речиси 1.200.000 луѓе беа заразени од коронавирусот и над 68.000 смртни случаи.

– Мислам дека спасивме милиони животи, истакна тој.