Тракиското сребро блеска како злато: Ексклузивни археолошки предмети на изложба во Скопје (галерија)

По изложбата „ 105 години Требениште“, отворена минатиот месец во Софија, „Сребрена Тракија“ е втора заедничка изложба меѓу националните археолошките установи од Македонија и Бугарија


Фото: Б. Грданоски

Македонската публика има чест да го проследи во целост претставувањето на тракиската култура на ексклузивната изложба „ Сребрена Тракија“ , што денеска свечено беше отворена  во  Археолошкиот музеј , како плод на соработката во културата меѓу Македонија и Бугарија. Со оглед на фактот што изложбата во Скопје ги надминува и по обем и по комплексност сите претходни поставки на „Сребрена Тракија“, на отварањето беа присутни и ресорните министри за култура и претседателите на Собранието од двете земји . 

Фото: Б. Грданоски

Ексклузивни археолошки предмети од тракиско сребро, познати во археологијата по уникатноста и  извонредната уметничка изработка, кои се чуваат во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науки, но и наоди од други 17 историски и регионални музеи од нашиот источен сосед, ја сочинуваат изложбата , „ Сребрена Тракија“. Низ повеќе од 1700 експонати јавноста ќе може да го види развојот на тракиската култура и цивилизација, во периодот од 5 век пред новата ера до почетокот на новата ера.

Меѓу археолошките предмети може да се видат вредни предмети поврзани со митологијата на Тракијците, со начините на погребување и погребните обичаи, а дел од изложбата е посветен и на воената опрема каде што посебно место зазема типичната за Тракијците – опрема за коњи. Особено внимание, како што кажува и насловот на изложбата, е посветено на обработката на благородните метали со кои изобилува тракиската територија, сè до изработката на прекрасните ексклузивни садови и накит, кои биле условени од богатите рудници на сребро. Овие предмети зборуваат за реномето на тракиските племиња во тогашниот свет, за високиот општествен статус на оние што ги користеле овие луксузни предмети, но и за нивниот секојдневен живот.

По изложбата „ 105 години Требениште“, отворена минатиот месец во Софија, ова е втора заедничка изложба меѓу националните археолошките установи од Македонија и Бугарија.

Фото: Б. Грданоски

Според министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која е покровител на настанот, ваквите изложби се дел од европски вредности кои претпочитаат реално запознавање и читање на фактите од минатото, како и соочување со фактот дека историјата не се буди по потреба, туку се учи за да не разбуди.

Фото: Б. Грданоски

-Тракијците важеле за исклучително воинствени и безмилосни племиња, но таа нивна темна страна денеска ја засенува блесокот на уникатната обработка и уметничка изработка на тракиското сребро и другите артефакти што се изложени сведочат за едно високо ниво на естетика во време на свирепост.  Впрочем Херодот ќе напише: „Тракијците би биле најмоќни од сите други племиња да немале една кобна фалинка во својот карактер – обожавале меѓусебно да се борат и да се во постојан конфликт“. И во тоа е суштината на вредностите што како научена лекција во овој век треба да ги споделуваме – да соработуваме, да се почитуваме и да го ползуваме најдоброто од минатото како културна вредност, додаде денеска министерката во своето обраќање, Бисера Костадиновска- Стојчевска, отворајќи ја изложбата.

Фото: Б. Грданоски

„Овие експонати од огромно значење кои што се овдека поставени покажуваат дека меѓу нас постои волја за меѓусебно зближување и добра соработка. Овој настан зборува за тоа зближување на културите меѓу нашите народи. И за идниот развој, напредок и проширување во Европската унија, рече бугарскиот министер за култура , Крастју Крастев.

Фото: Б. Грданоски

Директорката на Археолошкиот музеј Славица Бабамова посочи дека Тракиската материјална култура е нешто што ќе не обедини и што ќе ја продолжи заедничката работа меѓу Археолошкиот музеј во Скопје и Националниот археолошки институт со Музеј при Бугарската академија на науките.  

Фото: Б. Грданоски

„За Тракијците се знае уште од времињата на Хомер. Секој од нас, читајќи ги пишаните извори кои доаѓаат од антиката, има некоја своја претстава за Тракијците, меѓутоа искрено се надевам дека оваа изложба ќе допре до секој од нас“, рече во обраќањето Бабамова.

Фото: Б. Грданоски

Директорот на Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија, Христо Попов на отворањето на оваа изложба рече дека истата е голем успех за сите нас.

Фото: Б. Грданоски

-Желбата беше одамна да направиме една ваква изложба за која што е потребен многу труд и време, но ете успеавме и јас сум пресреќен денеска што присуствувам тука, рече Попов. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски