Трајко Вељаноски се брани за различните аршини околу конститутивното Собрание


Поранешниот спикер Трајко Вељаноски реагира на потсетувањето од шефот на државата Стево Пендаровски, дека тој лично го известил тогашниот шеф на државата  Ѓорѓе Иванов на 30 декември 2016 година дека Собранието било конституирано со верификација на мандатите-  иако не бил избран  негов претседател. Вчера Вељаноски излезе од политичка илегала и го тврдеше сосема спротивното, дека актуелното Собрание не може да се смета за конституирано, бидејќи нема избран претседател,т.е. спикер.

-Сакам да ја известам јавноста, но и претседателот Стево Пендаровски дека тоа не бил прв случај, иако не бил избран претседател на Собранието и била прекината седницата, претседавачот да го извести претседателот на државата дека е констутирано Собранието. Прв таков случај беше во 2006 година при конституирање на 5-ти парламентарен состав, на конститутивната седницата одржана на 27 јули 2006 година. Тогашниот претседавач Стојан Андов ја прекина конститутувната седница по третата точка без да се изврши избор на претседател на Собранието бидејќи немаше предлог  и ја одложи седницата. Но, истовремено на  27 јули 2006 година Стојан Андов како претседавач, а не како претседател на Собранието на РМ, го извести претседателот на Република Македонија дека е конститутирано Собранието иако не беше избран претседател на Собранието и врз основа на тој допис од претседавачот тогашниот претседател Бранко Црвенковски на 28 јули 2006 година го достави мандатот на тогашниот мандатор. Но за среќа тогашниот претседавач Стојан Андов не беше суден за тероризам во тоа време, стои во писмената реакција од Трајко Вељаноски.