Трајко Вељаноски им порачува на пратениците да го изменат законот за платите на функционерите


 

Поранешниот претседател на Собранието и обвинет во случајот на органбизаторите на 27 април, Трајко Вељаноски, преку отворено писмо ги повика пратениците да не ја чекаат Владата, туку веднаш да предложат и да усвојат измени на Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица и на таков начин, као што вели, да го избегнат гневот на граѓаните.

„Сакам да ви порачам дека ако чекате Владата да ви достави текст на Закон, ќе се изначекате водејќи се според односот на Владата во однос на ветувањето дека ќе бидат намалени високите примања на функционерите од регулаторните тела“, вели Вељаноски.

Наспроти тоа, наместо да молчат, Вељаноски им порачува на пратениците да свикаат ад-хок координација согласно член 24 став 2 од Законот за Собрание и да донесат Заклучок да се изготви Закон за измена и дополнување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а службите во Собранието професионално ќе си ја извршат задачата и за неполн час ќе го изготват Законот.

„Ова законско решение потоа, по итна постапка можете да го донесете уште истиот ден на итна седница и тоа ќе стапи во сила уште веднаш“, вели Вељаноски.

Тој потсетува дека првото замрзнување на платите на фукционерите беше направено во 2009 година (Службен весник бр.92/09) за време на неговото претседавање со Собранието, со измена и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица.

„Имено, заради последиците од светската економска криза од тогаш имаше само минимално годишно покачување, и тоа 5 отсто во 2012 година, 5 отсто во 2013 година и 4 отсто во 2014 година, и секогаш покачувањата беа во согласност со покачувањата на пензиите, односно на стандардот на граѓаните“, вели Вељаноски.

Трајко Вељаноски е дел од процесот за организаторите на настаните на 27 април. Тој беше осуден на шест години затвор, но Апелацискиот суд ја укина пресудата и упати на повторно судење.