Трајко Славески се огради од мерките на Владата


Трајко Славески, кој е член на Економскиот совет што го формираше Владата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се огради од економските мерки што се промовираа вчера, тврдејќи дека за најбитните од нив – воопшто не бил консултиран.

-Тука би ја искористил приликата да разјаснам дека ниту јас како член и претставник на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на ад хок телото Економски совет на Владата, ниту пак заменик министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, не бевме консултирани околу најбитните компоненти на сетот мерки. Ние не стоиме позади овие одлуки и апелираме до Владата за поголема кооперативност и инклузивност, како на опозицијата, така и на стопанството кое очигледно е разочарано, во носењето на овие одлуки, изјави Славески на прес конференција.

Тој го повтори барањето парите што се уплатуваат во приватниот пензиски фонд да се искористат за покривање на државниот, што веќе предизвика реакција, како и тоа мерките да важат еден месец повеќе и да опфатат 70 до 80 отсто од нето платите.