Трајко Славески: Петтиот пакет мерки е за замајување на јавноста и нема да ја подобри економијата
Водечкиот економист во најголемата опозицисска партија, и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, оцени денес дека петтиот пакет економски мерки на Владата нема да ја подобри економијата, туку е за замајување на јавноста.
„Предложени се 29 мерки. Од лично искуство знам дека колку е поголем бројот на мерките, толку е помала нивната ефикасност, изјави Славески додавајќи дека е неопходна уште една мерка, која иако е триесетта на број, прва е по важност, а тоа е сузбивање на пандемијата КОВИД 19 во што е можен покус рок во нашата земја.
„Во таа насока Владата требаше да се обврзе дека до крајот на јули оваа година ќе обезбеди вакцини за најмалку милион граѓани на Република Македонија, односно најмалку два милиони дози од истите. Без ова, попусто се трошат скапо позајмени пари од надвор, што ќе се враќаат со уште повисоки каматни стапки во иднина“, истакна Славески.
Според него вкупниот обем на досегашните мерки изнесуваше околу 3,5 отсто од БДП, што е трета најмала вредност во Европа. Од тоа, како што вели, мерките со буџетски импликации изнесуваа 2 отсто од БДП, додека мерките без директни буџетски импликации 1,5 отсто од БДП. Тој се осврна и на падот на вработеноста, при што минатата година биле регистрирани дури 54.000 нови невработени, како и на падот на Бруто домашниот производ.
„Сега Владата конечно, по неколку месеци доцнење, го предлага петтиот пакет мерки со околу 90 милиони евра предвидени за директна буџетска поддршка на стопанството и на граѓаните. И овој пат, како и при промоцијата на претходните неколку пакет мерки, дел од мерките само се препишуваат од еден во друг пакет, без соодветна реализација, што укажува на нискиот капацитет на Владата за оценка на последиците од кризата и слабо таргетирање на мерките“, вели Славески, потсетувајќи дека претходните четири пакети мерки требаше да тежат 1,2 милијарди евра, или 11 отсто од БДП, но сепак реализацијата потфрли до тој степен што истите достигнуваат скромни 3,5 отсто од БДП.
Анализирајќи ги одделно мерките кои ги донесе Владата, тој меѓу другото оценува декс кај мерката за директна поддршка на претпријатијата за исплата на плати наместо пад на приходите од минимум 30 отсто, би требало да се спушти на 15 отсто, додека за бескаматните кредити преку Развојната банка забелешкаата се однесува на забраната да користат субвенција на плата ако користат кредит од Развојната банка.
„На дел од овие дејности им се забрани да работат, како што се рестораните за свадби, а сега им ги покриваат делумно само трошоците. Што со останатите трошоци кои ги плаќаат (електрична енергија, вода комуналии и слично?“, вели Славески, прашувајќи кој ќе одлучува и по кој основ фирмите да добијат скалесто неповратен дел од 30 отсто до 50 отсто од самиот кредит.
Во односсс на мерката за финансиската поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување на плаќање на данок на личен доход до 30 јуни 2021 година, тој смета дека е пологично да се оди со намалување или даночно ослободување отколку целосно неплаќање за одреден период бидејќи, како што вели со одложувањето не се постигнува целта, туку само временски се поместува обврската.
Славески смета дека износот од 5 милиони евра за гарантна шема преку МБПР е скромен и дека е неопходно да се зголеми на барем 10 милиони евра, додека мерката која се однесува на финансиска поддршка на хотели надвор од туристичките центри кои не користеле ваучери треба да се прошири и за ресторани надвор од туристичките места.
Славески исто така смета дека кај поддршката на извозните компании не е понудена јасна методологија. Истата не е базирана на претходна анализа во делот на адресираните проблеми со кои се соочува земјата и извозните домашни компании во делот на недоволната конкурентност и активност на странските пазари.
За измените во царинската тарифа смета дека има многу слабости, односно изборот на автономните мерки за бришење или намалување на царинските стапки за конкретните производи или суровини е направен селективно без претходна детална анализа. Ревидирањето на царинскиот тарифник, пак, според него требаше да биде спроведено многу порано.
„Се предлагаат мерки за замајување на јавноста, што нема да придонесе за подобрување на економската ситуација во Република Македонија. Ова е само купување на време од страна на Владата“, оцени Славески.