Трајко Славески нема разбирање за синдикатите туку за работодавачите

Барањата на Синдикатот, според Славески, кој е шеф на економскиот тим во ВМРО-ДПМНЕ, биле „неоправдани и нереални“


 

Еден ден пред важниот состанок на Економско-социјалниот совет околу минималната плата и најавениот протест на ССМ, шефот на економскиот тим во ВМРО-ДПМНЕ, професорот Трајко Славески, ги осуди барањата на синдикатите. Тој во изјава за ТВ 24 изјави дека барањата на Сојузот на синдикати за зголемување на платите на работниците на 18.000 денари се „неоправдани и нереални“.

Според зборовите на поранешниот министер за финансии и сегашен претседавач на Советот на Град Скопје, ваквото зголемување на минималната плата би бил многу голем товар за компаниите и тоа би можело да придонесе до затворање на некои од нив.

„Ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да се однесува на над 20 проценти од вработените и не може да биде 60 проценти од просечната плата, кога Европската унија изрично наложува максимумот да биде 50 проценти. Затоа што тоа би придонело најголем број од компаниите во Македонија да затворат или пак остатокот од компаниите коишто се подобри да ја доживеат судбината на БЕГ, односно полека да станат државни фирми. Тоа значи враќање назад“, рече Славески за ТВ 24.

Кусо време потоа му одговорија од ССМ на нивниот Фејсбук профил.

„Го разбираме Трајко Славески поради тоа што во овде прима плата најмалку во висина на минималната плата во Германија, па веројатно е и тој револтиран што е на германски минималец во Македонија. 50 проценти од просечната плата во Германија е најмалку 1.400 евра, а во Македонија е 14.000 денари. Веројатно му е тешко да го преживее месецот, како и на 110 илјади работници, па затоа ги поддржува работавачите а не работниците“, напиша Синдикатот.

Дали е ова е став и на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ не е целосно јасно, но ќе се види попрецизно идната недела кога за предлогот на Левица за 18.000 денари минимална плата би требало да се расправа во Собранието. (Н.В.)