Трајчулески до Мицкоски: Го отворате ли прашањето за македонскиот јазик за да не вратите во времето на Груевски?


Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Дали Мицковски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта?

„Ваши главни политички ветувања во однос на нашите евроинтеграции беа обезбедување на подобрена преговарачка рамка и уставни измени со одложено дејство. За жал, во текот на оваа година, власта се соочи со политичката реалност, особено во меѓународната политика, и не само што не успеа да обезбеди подобрена преговарачка рамка и уставни измени како што ветуваше, туку нашите меѓународни позиции особено во однос на нашиот европски пат дополнително драматично се влошија.Наместо подобрена преговарачка рамка, Македонија се соочи со силен ксенофобичен атак од страна на бугарските негатори на македонскиот јазик и идентитет олицетворен во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент.

Се реотвори прашањето кое беше целосно затворено за 26 земји членки на Унијата, освен за Бугарија. Повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање, со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата.И денес имаме уште еден предлог од Ваша страна за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент со која би се потврдил македонскиот јазик и идентитет. И замислете, предлагате оваа резолуција да биде поднесена од страна на бугарски европратеници.

Ќе ја цитирам академик Ќулавкова „Да побарате од Бугарија да поднесеме заедничка резолуција за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт е еден вид  руски рулет за Македонија, крајно неодговорен чин. Или професорката Јачева Улчар која истакнува дека ваквата стратегија на владата носи ризици и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица од онаа со Договорот за добрососедство и со Францускиот предлог.

Македонскиот јазик е признат од сите, освен од одредени структури во Бугарија. Македонскиот јазик и идентитет се затворено прашање за 26 земји членки на ЕУ и за целиот свет. Нашиот јазик е признат во сите документи на ЕУ, вклучително во преговарачката рамка.Ова македонско собрание има донесено Резолуција со која се забранува било кој и било кога да преговара за македонскиот јазик и идентитет.Ниту вие, ниту јас, ниту било кој политичар смее да го стави на маса постоењето на посебен македонски јазик и идентитет.

Немате потреба да го имитирате вашиот политички ментор. Немојте да претставувате лажна слика дека сте херои. И во ваше и во наше време, веројатно и во некое идно време ќе постојат бугарски структури кои ќе продолжат да го негираат македонскиот идентитет. Не постои Македонец, без разлика на политичка припадност кого не го болат ксенофобичните напади на Бугарските европратеници врз македонскиот идентитет на кои бевме сведоци по повод дебатата во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија. Прашањето е кој какви мотиви има.

Се ми се чини дека историјата се повторува како фарса. Вам ви треба алиби за прикривање на неспособноста на вашата Влада да испорача политики за подобар живот на граѓаните. Вам очајно ви треба старата испробана поделба на предавници и патриоти. Се разбира вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија.Со ваквата непромислена политика, а сакајќи да го компензирате неуспехот на Владата да ги испорача предизборните ветувања, ја правите најголемата политичка стратешка грешка.Моето прашање до вас е: Дали сакате Македонија да ја вратите во 2008 кога Груевски почна да го спроведува режимот?И дали за вас бугарското негирање на македонскиот идентитет во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент е истиот мотив како што беше грчкото вето на НАТО Самитот во Букурешт за вашиот партиски претходник Никола Груевски? – праша пратеникот на СДСМ.

Мицкоски  одговори дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес, критикувајќи ја опозицијата дека направила стратешка грешка со прифаќањето на т.н. Француски предлог. Тој му порача на Трајчулески дека нема да ги коментира тезите од типот на патриоти и предавници.

-Нема да коментирам, би било лошо да коментирам, можеби некој од вашата пратеничка група ќе ве запознаат за состаноци кои се правеа кај претседателот Пендаровски итн… Ве упатувам таму да добиете одговор, но знам дека по тие состаноци магично во овој Парламент се смени Кривичниот законик со европско знаме, се избриша членот 353, некои дела застареа, некои дела не застареа.

Но, кога сме кај политичката стратешка грешка, политичка стратешка грешка беше кога ве молевме да не го прифаќате тој предлог, затоа што го загрозувате не само европскиот пат и европската иднина на Македонија, туку влегувате во историска замка, рече Мицкоски.

Тој во контекст на тоа го спомена т.н. Бледски договор потпишан по завршувањето на Втората светска војна меѓу тогашниот претседател на СФРЈ и тогашниот претседател на Бугарија.

-Во креирањето на тој договор учествувале и претставници од Македонија. Договорот бил дека поради окупацијата на Македонија од страна на бугарските фашистички сили тие требале по ослободувањето да платат воена отштета од 50 милиони долари. Тоа им било простено, не требале да платат и за сметка на тоа дури и отстапиле одредени територии во делот на Димитровград, при што било прифатено од бугарското раководство на македонското население различно од бугарското, во тогашна западна Бугарија, во делот на Пиринска Македонија, да има право на самоопределување, одвојување од тогашната комунистичка Бугарија и припојување на тогашната федерација на Југославија, рече Мицкоски. Потсети дека после тоа во периодот до 47-ма година, меѓу 86 и 92 учители Македонци го учеле тогаш мнозинското македонско население во Западна Бугарија за македонската култура, јазик.

-Но тогаш се случува еден геостратешки потег во којшто лидерството на Советскиот сојуз влегува во конфликт со тогашна Југославија и тогаш лидерството на Советскиот сојуз му кажува на лидерството на комунистичка Бугарија да ги избрише сите права кои се доделени на македонскиот народ, рече Мицкоски, додавајќи дека била извршена асимилација.

 -Нема да ве вратам во времето на Батемберг, во времето на Егзахот Јосиф, како се обидувале да го асимилираат овој дел. Дошле и до вашето Крушево. Но, не успеале. Потрошиле два буџети, но не успеале. Но, тоа што го правеле, а потоа го продолжил Тодор Живков, вие го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми кажувате? Тоа што не им успеало на Батемберг, преку Јосиф, преку оваа асимилаторска на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте. И, да тешко е, преку ноќ не можеме за една година  да го смениме, но ќе работиме да го менуваме. Бидете трпеливи. Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во извештај. Вие прифативте доброволно, потпишувајќи го, лажејќи тука во Парламентот, да ги асимилирате Македонците. Ние тоа нема да го правиме. Ние тоа ќе го исправиме. Бидете трпеливи, одговори Мицкоски.