Трајанов сака да ги види двата предлога
Претседателите на партиите коишто се дел од владината коалиција денеска пред средбата во Владата изјавија дека очекуваат премиерот Димитар Ковачевски да ги информира за францускиот предлог со којшто би се тргнало ветото за влез на земјата во ЕУ.
Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека прво и најбитно е тоа што ниту првиот, ниту вториот предлог тие како коалициски партнери не го добиле и оти не можат за првиот да изградат став врз основа на она што го објавија медиумите во Бугарија и овде кај нас.
-Ќе барам да го обезбедиме предлогот, да имаме временски простор да го разгледаме, да направиме сериозна анализа, да консултираме експерти и после тоа да го изградиме став. За секој случај ќе инсистираме и првиот и вториот предлог да ни бидат доставени и ќе ги бараме од Владата, од МНР во писмена форма во што е суштината на новиот променет предлог, изјави Трајанов.
Според информациите што доаѓаат од Бугарија, посочи Трајанов, „тие тврдат дека нема никакви суштински промени“.
-Но, треба да го видиме. Натаму ќе инсистирам да има широка расправа . Меѓу другото, вие медиумите да ја отворите оваа расправа, невладиниот сектор, експертите, политичките партии да се расправа во Парламентот и ако изгради единствен став да оди на проверка на граѓаните. Значи, ќе инсистираме граѓаните да се изјаснат. Вака пошироко гледано има политички и граѓански консензус за евроинтеграциите што не е спорно, тоа е стратешки национален интерес на сите во државата што е можно побрзо да станеме членка на ЕУ, но се разбира без да се загрози нашиот национален идентитет, рече претседателот на ДС.
Инсистираме, потенцира тој, да има јасна одредба во преговарачката рамка дека македонскиот јазик е еден од јазиците што ќе се користи во рамките на ЕУ.
Околу уставните промени, Трајанов рече дека ќе бараат тоа да биде на реципрочна основа и оти инсистираат и Македонците да бидат признаени односно нивните права согласно одлуките од Стразбур.
-Сега не можам да кажам дефинитивен став бидејќи не сме го виделе предлогот. Тие ставови што ги кажав јас ќе ги презентирам: Уште една работа на која што ќе инсистирам ако се тука министрите, не може министри коишто сакаат да бидат европски министри да се закануваат дека има хибридни напади, дека со кривичен прогон ќе ги расчистуваат. Мислам дека тоа не е својствено на министер за евроинтеграции, уште помалку на министер за надворешни работи, рече Трајанов.
Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски изјави дека француски предлог не го видел, иако било кажано дека утрово ќе биде објавен, но сепак го коментираше претходниот француски предлог кој, како што кажа, во основа останува ист. Според Георгиевски, во тој предлог имало и позитивни работи и не требало целосно да се отфрла.
-Она што е важно е дека во францускиот предлог македонскиот јазик е дефинитивно без проблем ставен во понатамошниот тек во односите со ЕУ. Она што е уште поважно, а на што многу малку се става акцент во Македонија, е дека со прифаќањето на францускиот предлог во бугарскиот Парламент тие се откажаа од претпоследиот или последниот нивен став што беше донесен пред ветото за влезот на Македонија во ЕУ. Се сеќавате имаше два става кои беа неприфатливи – дека македонскиот јазик и народ до 1945 година биле бугарски и , што беше уште потешко за нас, тоа требаше да го прифати Македонија. Тоа сега го нема и затоа сметам дека не треба да ги цениме само негативните елементи што мислиме дека се негативни во францускиот предлог, туку дека треба да цениме она што е позитивно, рече Георгиевски.
ВМРО-НП, рече тој, беше една од ретките партии кои рекоа дека во францускиот предлог има многу позитивни работи и оти не треба да се отфрла во глобала.
– Она на што треба да се стави акцент е дека двете страни не се задоволни до крај, меѓутоа тоа е суштината на секој предлог. Тоа беше суштината и на Преспанскиот договор, кога двете страни колку и да споделуваат оценки дека се задоволни од предлогот, во суштина остануваат нереализирани сите нивни моменти, посочи Георгиевски.
Претседателот на Демократската партија на Турците, Бејџан Иљаз, изјави дека уште нема точни информации , а Мирослав Јовановиќ од Српска странка исто така рече дека претходниот текст не бил прифатлив за никого.
-Очекувам да има некои посуштински измени и да се вклопат во нашата Резолуција што е изгласана во Собрание и нормално Договорот за добрососедство со Република Бугарија, рече Јовановиќ.