Трајанов: Барањето за Албанец премиер е уцена, нема да ја прифати ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ


Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, изјави дека лидерот на неговиот коалициски партнер СДСМ, Зоран Заев, најдоцна до петок ќе го добие мандатот за формирање на влада од страна на претседателот Стево Пендаровски. Според него, барањето на ДУИ за Албанец-премиер е неприфатливо.

„Партијата што ќе прифати таква уцена мислам дека треба да се избрише од политичката сцена, но тоа нема да го направи ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ. Без разлика дали е голем притисокот за да се направи влада, таква уцена од ДУИ нема да биде прифатена“, рече Трајанов во вечерашното гостување во „Само вистина“ на Канал 5.

-ДУИ претендира да биде единствен легитимен претставник на сите Албанци, што не е така, бидејќи има и други партии, а притоа да не заборавиме дека голем број Албанци гласаа за коалицијата „Можеме“. Сметам дека има национализам преку одредени екстремни изјави да се подигне нивото на преговарачкиот процес, да се подигне црвената линија. ДУИ имаше добра кампања за да биде во центар на внимание со флусколата Албанец премиер и тие инсистираат на тоа по секоја цена, што за мене лично е неприфатливо – рече Трајанов.

Тој додава дека потребна е функционална Влада и Собрание за да се зафатат со решавање на здравствените и економските проблеми.