Трагедија во Турција, загина чешки фудбалски репрезентативец


Голема трагедија во Турција! Минибусот кој ги превезувал фудбалерите на турскиот прволигаш Аланија синоќа излетал од патот, а смртно настрада чешкиот репрезентативец Јожеф Шурал.

Шурал имаше 29 година, а минатата зима од Спарта Прага се пресели во Аланија која оваа сезона е најпријатното изненадување во турската Суперлига и се наоѓа на петтото место на табелата.

Аланија вчера играше на гостувањето кај Кајзери (1:1) по што тренерот им дал на играчите два слободни дена бидејќи следниот меч го играат дури во понеделник. Седуммината фудбалери Стивен Колкер, Папис Сисе, Бајано, Џалма, Ајзак Секи, Велинтон и несреќниот Шурал одлучиле да изнајмат приватен минибус со двајца возачи и да се вратат порано во 570 километри оддалечената Аланија.

Тие оделе по автопатот Анталија – Аланија, кога минибусот пет километри пред центарот на градот излетал од патот. Сите седум играчи се повредени и пренесени во болница. Шурал бил во најтешка состојба и веднаш бил опериран. Сепак, лекарите не успеале да му го спасат животот. Чешкиот репрезентативец имаше 29 години, а зад себе остави сопруга и две ќерки. Клубот од Аланија соопшти дека лекарите направиле се за да го спасат Шурал, но дека му немало помош.

Шурал потекнува од Брно, играл за Слован Либерец, Спарта Прага и од јануари за Аланија. Ги мина сите репрезентативни селекции на Чешка, а за сениорскиот тим запиша 20 меча и постигна еден гол.

Претседателот на Аланија соопшти дека се сомнева дека двајцата возачи на минибусот заспале во кобниот момент и затоа дошло до несреќата. Тие со полесни повреди се задржани во полиција. Што се однесува до останатите повредени фудбалери, Секи ја скршил раката, Велитон има исеченици, додека останатите минале со полесни повреди и сите се надвор од животна опасност. За жал, Јожеф Шурал ја немал таа среќа.