Трагедија во Тетово, на 21 година загина фудбалерот Даниел Николовски


Тажна вест утрово го потресе тетовскиот спорт. Во сообраќајна несреќа животот го загуби 21-годишниот фудбалер Даниел Николовски.

Николовски своите први фудбалски чекори ги направил во младинските категории на ФК Тетекс, а подоцна настапувал и за сениорскиот состав на клубот.

Од Тетекс со емотивна порака се простија од младиот фудбалер, потсетувајќи на неговата поврзаност со клубот и на годините поминати како дел од тетовското фудбалско семејство.

„Ќе остане запаметен како дел од нашето Тетексово семејство и засекогаш ќе биде дел од историјата на нашиот клуб“, порачаа од ФК Тетекс.

Од клубот изразија длабоко сочувство до семејството, роднините, пријателите и сите кои го познаваа Николовски.

Деталите за околностите под кои се случила сообраќајната несреќа дополнително се очекува да бидат соопштени од надлежните институции.