Трагедија во Скопје: Почина македонската кошаркарска легенда Буштур


Легендарниот поранешен македонски кошаркар, Благоја Георгиевски Буштур (70) синоќа загина во тешка сообраќајна несреќа во Скопје. Во скопската населба Кисела Вода Буштур поради влажен коловоз загубил контрола и удрил во бетонските огради покрај патот.

Буштур остави траен печат во македонскиот спорт и пошироко на Балканот. Важи за една од најголемите легенди во македонската кошарка, а речиси целата своја кариера ја помина во редовите на Работнички клуб со кој играше во Првата југословенска лига.

Беше член и на младинската селекција на Југославија која предводена од Лазар Лечиќ ја освои Балканијадата во Ријека, а пак на младинското Европско првенство заедно со своите соиграчи стигна до четвртото место.

Учествуваше на две ЛОИ во Минхен 1972 и Монтреал 1976, кога како член на југословенската репрзентација го освои сребрениот медал. Настапи за репрезентацијата на СФРЈ повеќе од 190 пати.

По завршувањето на спортската кариера, како великан и заслужен спортист, беше член на голем број спортски асоцијации и тренер. Остави траен печат со своите настапи не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот.