Трагедија во Ново Лисиче – Еден нож зацрни две семејства


Маалската нетрпеливост меѓу тинејџери кои ги минувале деновите од распустот во Ново Лисиче, заврши со убиство на седумнаесетгодишниот Никола, син единец и ученик во средното училиште „Владо Тасевски“.

Половина час по полноќ викање и пцуење ги вознемирило жителите на улицата „Февруарски поход“. Клупите на кои до пред неколку часа седеле со своите соседи додека нивните деца играле пред зграда, се претвориле во арена за пресметка меѓу тинејџерите. Според неофицијални информации на станарите од околните згради, на клупите седело осумнаесетгодишно момче со својата девојка. Таму, со своите другари дошол Никола и почнале да ја бранат „нивната“ територија. Девојката наводно им била школска другарка, па нејзиното момче „бошњак“ не требало да доаѓа во нивното маало. Расправијата преминала во тепачка, па момчето кое било со девојката, извадило нож и го прободело Никола.

Со ножот во рацете се обидел да избега во влезот од најблиската зграда, но еден од станарите, кој случајно се нашол со неговото семејство пред влезот, го спречил. Повикал полиција и му рекол дека ќе стои тука, сѐ додека не дојде полиција. Момчето го собрало ножот „скакавец“ и ја чекало полицијата. Прободеното момче лежело на клупата облеано со крв и чекало да дојде итната медицинска помош. Според сведоштвата на станарите, и полицијата и брзата помош дошле брзо. Никола веднаш бил пренесен на Клиника, а момчето со ножот, во полиција. Во седум часот наутро и покрај извршените операции, младиот Никола им подлегнал на повредите.

Спортските портали пишуваат дека Никола бил кошаркар кој играл за кадетите и јуниорите. Неговата спортска иднина ја прекина убод со нож, а момчето пак кое го прободе тешко дека ќе има некоја светла иднина, со оглед на тоа дека сега му се заканува затвор. (Ф.Ф.С.)