Трагедија во Ла Манш, најмалку 31 лице загина во превртен гумен чамец со мигранти
Најмалку триесет и едно лице загина денеска откако гумен чамец со мигранти се преврте при преминувањето на Ла Манш од Франција кон Велика Британија.
Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманин објави дека во чамецот имало 34 лица, од кои 31 загинале, двајца се спасени, а еден се води како исчезнат, пренесува Ројтерс.
„Две лица кои преживеаја се во животна опасност, заболени од тешка хипотермија. Ова е катастрофа за Франција, за Европа, за човештвото, кога гледаме како овие луѓе, кои се оставени на милост и немилост на шверцерите, умираат на море“, рече францускиот министер.
Според рибарите, повеќе мигранти од вообичаено го напуштиле северниот брег на Франција, за да ги искористат денеска мирните услови на морето, иако водата била многу студена.
Еден рибар изјави за Ројтерс дека претходно денеска видел два мали чамци, едниот со луѓе, а другиот празен, како и дека неговиот колега ја повикал спасувачката служба откако видел празен гумен чамец и 15 луѓе кои пловат неподвижни во близина, како да се без свест или мртви.
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека е „шокиран и ужаснат“ од несреќата.
„Моите мисли и сочувство се со жртвите и нивните семејства, но оваа катастрофа предупредува колку е опасно да се премине Ла Манш на овој начин“, рече Џонсон по претседавањето со итниот состанок на владата.
Onde de choc à Londres et Paris après la plus terrible tragédie migratoire dans la Manche https://t.co/E5x6CabTvB
— rachel Daubignard (@rachelDaubigna1) November 24, 2021
Иако двете влади ги обвинија шверцерите, голем број француски политичари, вклучително и градоначалничката на Кале, Наташа Бушар, ја обвинија Британија за проблемот, велејќи дека таа треба да ја промени својата миграциска политика, наведува Ројтерс.
Според локалните француски поморски префектури, пред катастрофата, уште 14 луѓе се удавија во текот на годината обидувајќи се да стигнат до Британија.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на итен состанок на министрите на Европската унија кои се вклучени во имиграциските прашања, откако денеска се удавија 31 мигрант во обид да стигнат до Велика Британија од францускиот брег.
„Франција нема да дозволи Ла Манш да се претвори во гробишта“, рече Макрон во соопштението.
Тој исто така повика на итно зајакнување на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), според Ројтерс.