Трагедија во Германија: Загинаа четворица членови на фудбалски клуб


Во страшна сообраќајна несреќа, која се случи во близина на Карлсруе, загинаа пет лица, а четворица од нив се членови на локалниот нисколигаш Алеманија Еггенштајн.

Меѓу загинатите има двајца фудбалери, физиотерапевт и поранешен фудбалер, сите на возраст меѓу 25 и 29 години.

„Алеманија Еггенштајн е длабоко тажен поради загубата на своите активни фудбалери Дени Цимерер и Тим Палушко, физиотерапевтот Леони Буркарт и поранешниот фудбалер Филип Домер. Сите четворица не напуштија прерано во трагична несреќа. Многу ќе ни недостигаат! Изразуваме длабоко сочувство до родителите, семејствата и пријателите во овие тешки моменти“, објави германскиот клуб на својата официјална веб-страница.

Наводно, 25-годишниот возач изгубил контрола над возилото, се судрил со такси и излетал од патот.