Традиционално на Крстовден почнува бербата на преспанското јаболко

Со симболично откинување на првото јаболко во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ денеска во Ресен официјално почнува годинашната берба на преспанското јаболко.

На свеченоста по повод почетокот на бербата на јаболката во Преспа, која традиционално секоја година почнува на големиот христијански празник Крстовден, покрај градоначалникот Живко Гошаревски, најавено е присуство и на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

Веднаш потоа е предвидена обиколка на штандовите поставени на градскиот плоштад „Цар Самуил“, каде што ќе бидат презентирани земјоделски производи и механизација. Во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер 2019“ министерот Димковски ќе се обрати и на јавна трибина, што ќе се одржи во општинската зграда.

Во попладневните часови присутните ќе имаат можност да ги погледнат настапите на повеќе културно-уметнички друштва од земјава и странство и локални групи, а вечерната забава ќе им биде препуштена на Влатко Лозановски и „Амадеус бенд“.

Манифестацијата „Преспански јаболкобер“ почна синоќа со настапот на ресенските групи „Инстикт“, „Реприза“ и Кристина Арнаудова. Претходно на спортските терени во градот се одиграа меморијален фудбалски и ракометен турнир посветени на Благој Котларовски и Зоран Стојановски, а најмладите имаа можност да ја погледнат театарската претстава „Бел заб – здрав заб“.